Прва тужба за дискриминација против скандалозен учебник што се користи во високото образование

“Жените кои имаат кратка фризура и постојано носат панталони имаат потешкотии во прифаќањето на својот пол” – ова е дел од содржината на учебник за високо образование на Филозофскиот факултет при УКИМ. Коалицијата Маргини која се залага за заштита на правата алармираше за вознемирувачка содржина и дискриминација во учебник од кој треба да се учат студентите на  институтот за психологија.

По неколку неуспешни обиди на Коалицијата, по испратените  бројни реакции до Универзитетот и авторот, овој учебник да се тргне од наставната програма, Маргини поднесоа тужба за утврдување на дискриминација книгата „Основи на персонологијата 2“ од професорот Благоја Јанаков. Предупредуваат дека учебникот е заснован на лични ставови а не на современи научни истражувања.

Се одлучивме да го искористиме Законот за спречување дискриминација, да поднесеме тужба од јавен интерес, со цел да ја актуализираме состојбата со проблематичните учебници од високото образование, и истовремено да побараме повлекување на ваквата содржина. Содржина која што е нелогична, ненаучно заснована, на моменти не сериозна – вели Наташа Бошкова, адвокат и правен советник на Коалиција Маргини.

Според Маргини, вознемирувачките содржини вклучуваат: обвинување на еманципираните жени за зголемениот број на разводи, осуда на прекинувањето на бременоста и квалификувањето на истополовите партнерства како неприфатливи.

Книгата содржи разни нелогичности за кои бурно реагираат од Коалицијата Маргини. Така што, личниот простор на мажот и жената во многу домаќинства се конкретно одредени.

Така во мнозинството од современите домови, секој членб на семејството има свој личен простор. Кујната е претежно личен простор на домаќинката. Во многу домови се знае каде седи таткото, каде мајката.

Основа на приврзаноста на еден човек за определена жена е очекувањето таа да му овозможи задоволување на главната потреба – пишува во учебникот.

Од Коалицијата Маргини бараат оваа содржина да биде отстранета и заменета со современа и научно-заснована содржина.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста