Прв работен ден на Бучковски во Софија: Топол пречек студени зборови- Бугарија не отстапува од тврдите ставови

Бугарија и во иднина ќе ја блокира Македонија, се додека не се прифатат нивните барања, ова е епилогот од средбата на шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева, и специјалниот претставник на Македонија во Софија, Владо Бучковски. Захариева вели ништо нема да се промени, нивните позиции биле јасни и од нив нема отстапување.

-Бугарија не ги промени позициите од минатиот месец, затоа сум зачудена што ја предизвика таа вчерашна реакција. Не можеме да ја одобриме преговарачката рамка без гаранциите кои сакаме да ги видиме во неа. Тие се многу едноставни, имплементирање на договорот од 2017-та, патната карта како дел од него, изјави Захариева.

Бучковски изразува задоволство од првиот работен ден во Софија, порача дека тој немало да преговара за историјата, но не пропушти истата да ја нарече заедничка, исто како и премиерот Заев пред две недели во интервјуто за Бгнес.

-Мојата задача ќе биде како човек кој ќе биде задолжен за координација во исполнувањето на договорот. Не во делот на историјата, заедничката историја, не можеме да ја промениме нити јас, нити госпоѓата Захариева. Но, можеме да ги промениме работите во делот на инфраструктурата, заедничките капитални проекти, посилната соработка во образованието и науката, посилната соработка во културата, изјави Бучковски.

Бучковски од Софија порача дека негова најголема цел во моментов е да се врати довербата во договорот за добрососедство, потпишан пред три години, која била изгубена последниов период, а заврши со вето за почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста