Прв пат во Македонија се применуваат терапиите со озон и плазма

Тројца Ковид позитивни пациенти во болницата „8 Септември“ од денеска ја добиваат новата озон терапија. Станува збор за пациенти со сериозни компликации од болеста, кои подолг период се ставени на респираторна машина. На нив секојдневно ќе им биде ведено по 100 мл крв, со помош на специјална машина крвта ќе биде збогатена со кислород и таква ќе се враќа назад кај пациентите. Од болницата велат оваа терапија не лекува, но го подобрува имунитетот и способноста на организмот да се избори со вирусот.

Од утре ваква терапија ќе почне и кај другите пациенти на респиратор.

Доктор Костов најавува дека болницата наскоро ќе добие нова современа апаратура за лекување на Ковид позитивни пациенти, слична како онаа со која се третираат пациентите на дијализа.
Во меѓувреме, тим трансфузиолози ќе вадат крвна плазма од веќе излекувани пациенти, и ќе ја вбризгуваат во потешко болните. Оние кои ќе ги исполнуваат строгите протоколи, а тоа е да се на возраст од 18 до 60 години, да имаат два негативни теста и да се 21 ден без симптоми, ќе може да донираат крв. За сега не се знае, колку од излекуваните пациенти ќе ги исполнат условите да даруваат плазма.

Во земјава пациентите со корона вирус се лекуваат со симптоматска терапија. Здравствените власти во лекувањето го вметнаа и лекот хлоракин – анти маларикот кој во комбинација со антибиотик покажа позитивни резултати во некои земји во светот.

Надлежните се уште чекаат одговор од јапонските власти по барањето за донација на еден антивирусен лек.

Биљана Божиновска

 

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста