Пругата кон Бугарија пак главна кочница за поголема реализација на капиталните проекти

Се правдаа со лошите временски услови, па со корона кризата, а новиот министер за транспорт и со тоа дека штотуку стапил на функција. Капиталните инвестиции со очајна реализација од само 41% до средината на септември, додека министерството за транспорт остварило едвај 32% од планираното.

И повторно, како главен изговор за застојот се споменува пругата кон Бугарија, со децении неостварениот проект на сите влади. Изградбата на железницата запре откако изведувачот кој бавно работеше, побара раскинување на договорот.

Слабо оди и гасификацијата поради промени предизвикани од ситни изместувања на трасата. Проектите со слаба реализација ќе бидат скратени со вториот ребаланс на буџетот.

Министерот ветува нови автопати и реконструкции, иако дел од актуелните проекти како патот Скопје – Блаце се одвиваат со забавена динамика. Државата нема системско решение за експропријацијата, па овој дел долго ќе се гради. И покрај проблемите и слабата реализација на капиталните инвестиции кои и онака беа скратени со првиот ребаланс на буџетот годинава за 68 милиони евра на 317 милиони евра, Бочварски е оптимист дека тие ќе се остварат.

Експертите и меѓународните финансиски институции во повеќе наврати повторуваа дека од клучните проекти како патишта, училишта, болници, градинки, не само што не треба да се крати, туку треба и да се форсира нивна побрза изградба. Пракса на владата беше капиталните инвестиции, секоја година да се кратат со ребаланс на буџетот, за парите да се префрлуваат за други намени. Лани капиталните имаа реализација од речиси 80%, а 2018-та беше убедливо најлоша година со 65% остварено од планираното.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста