Провокациите продолжуваат: Бугарското присвојување на Охрид повторно главна тема кај источниот сосед

Присвојувањето на Охрид  од бугарска страна, повторно главна тема во предизборието кај источниот сосед. ВМРО-БНД на Красимир Каракачанов, која е на дното на анкетите во Бугарија и многу тешко да влезе во Парламентот, во својот последен промотивен спот, каде главна тема е бранење на бугарштината, токму со тој збор и Охрид во позадината на видео материјалот бара глас повеќе од бугарските гласачи.

Иако на сите провокации кои доаѓаат од официјална Софија, односно од тамошните власти, Македонија е без никаква официјална реакција, стигна реакција за ова видео, кое сепак е само партиско. Од МНР бараат источниот сосед да ги осудел ваквите провокативни спотови кон Македонија.

-Во напорите за засилување на дијалогот и зацврстување на довербата, сето во функција на унапредување на добрососедските односи, објавувањето на предизборни спотови во кои се изразуваат територијални претензии и еднострани чувства за припадност и присвојување кон друга соседна држава, не е во духот на градење пријателство и почитување на европските вредности, за кои заедно толку многу се заземаме, велат од МНР.

Од Бугарија секојдневно слушаме дека Македонија била бугарска, а претходно од устата на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, повторно Охрид беше искористен во кампања. Порачувајќи дека Македонија имала времени владетели кои во моментов биле во таа бугарска држава, порача дека Охрид бил бугарска престолнина.

-Колку повеќе лажете толку повеќе вистината ќе сјае. Колку похистерично ја мразите Софија, толку побугарски ви станува Охрид. Колку посилно ги кажувате вашите лаги, толку побрз и поужасен ќе биде вашиот крај. Заев, почитувани, колку и да се вртиш, Македонија е бугарска. И колку и да се вртиш Албанија ви е од запад, ни порача пред неколку месеци Џамбаски.

Инаку, токму Бугарија во моментов е пречката на Македонија на патот кон Европската унија. Од Софија бараат да сме ја признаеле нивната историска вистина, со која директно би се удрило по македонските национални интереси, за да можеме да напредуваме во евроинтеграцииите.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста