Протоколот за НАТО уште не е на маса ама власта настапува како да сме внатре

Шпанија доби влада, шпанскиот парламент го чека својот состав, протоколот за НАТО се уште виси, ама македонските власти се однесуваат како веќе да се дел од големото НАТО семејство. Според познавачите, комплетната завршница за членство на земјава во Алијансата може да трае и со месеци. Координаторот на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ Никола Мицевски вели дека ако оди по редовна постапка, на Шпанија би и биле потребни 3 до 5 месеци да стафи параф на протоколот и да даде зелено светло за земјава.

„Се надевам дека нашата влада и МНР веќе се во одредена фаза на разговори, каде што во некоја скратена постапка таа ратификација ќе биде потпишана и со тоа и последната пречка за ратификација и од наша страна ќе биде завршена“ вели Мицевски.

Пратениците од албанската опозиција бараат од спикерот Талат Џафери, Предлог – законот за ратификација на протоколот со НАТО да го стави на собраниска седница пред да се распушти актуелниот пратенички состав.

„Знаете дека веќе имаме предлог од Владата и бараме од претседателот на Собранието што поскоро да го постави на дневен ред“, вели Сурија Рушити од Алијанса за албанците.

„Се надеваме дека после Шпанија и во нашето Собрание ќе има време,пред да се распушти, да биде ратификуван протоколот“, вели Фадил Зендели од Беса.

Од владејачката коалиција, очекуваат брзо комплетирање на шпанскиот парламент со цел Македонија да добие виза за НАТО до крајот на јануари.

„Очекувам дека многу брзо ќе го ратифицираме протоколот во собранието. Од таа причина очекувам и повикувам на одговиорност кај сите политички чинители во Парламентот“, вели Костадин Костадинов од СДСМ.

„Членството на нашата држава во НАТО е столб на програмата на ДУИ и едвај чекаме да гласаме за протоколот“, вели Артан Груби од ДУИ.

Предлог законот за ратификација на Северноатланскиот договор веќе е во собраниска процедура. Откако ќе биде усвоен и објавен во Службен весник, треба да биде депониран во Вашингтон. Предлогот за „предвремена“ или „условна“ ратификација беше барање на ВМРО – ДПМНЕ, повикувајќи се на искуството на Црна Гора, која документите неопходни за нејзиното членство во НАТО ги ратификуваше во април 2017 година, а Холандија и Шпанија извршија ратификација на Протоколот за членство на Црна Гора во Алијансата дури следниот месец.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста