Протестите на опозицијата за одбана на македонскиот јазик не биле без основа

Опозицијата предупредуваше дека Заев со бугарските политичари разговара за јазикот,дури и организираа протести, тогаш власта демантираше, но изјавата на португалскиот државен секретар по европски прашања Ана Паула Закариаш, по се изгледа ги помати сметките на демантирањата на владата на Заев. Особено оти македонската јавност никогаш не го виде португалскиот предлог.

Закариаш вчера рече дека било очигледно дека некогаш македонскиот јазик бил дел од бугарскиот.

А јазикот според изјавите на Заев изминативе месеци беше гарантиран, тој велеше дека никој не преговара за него.

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираат, прашуваат дали  ова е заштитата на македонскиот јазик и идентитет за кој зборува Зоран Заев последните две години. Овие ли се „бетонираните“ позиции?

Дали португалскиот механизам кој беше целосно прифатлив за Заев значи дека владата се обврзала да прифати срамна парадигма – дека македонскиот јазик бил некогаш дел од бугарскиот јазик?

Дали португалскиот предлог кој е одличен за Заев вклучува и став дека во ЕУ не се внесуваат билатерални недоразбирања, и тие треба да бидат решени пред нова земја да се приклучи на Унијата?

Дали со однесувањето на Заев сега цела Европска унија останува на страната на Бугарија?-рече Стефан Андоновски – ВМРО-ДПМНЕ.

Дека јазикот е ставен на маса за преговори пишуваа претходно и бугарските медиумите. Весникот 24 часа пред неколку недели пишуваше дека Заев како компромис со Бугарија за отстранување на ветото понудил и формулација дека Бугарите и Македонците говорат ист јазик, но и различни, кои се светски признати одделно.

Под наслов „Компромисот на Заев: говориме на ист јазик, но меѓународно признат како два различни“, бугарскиот весник повикувајќи се на извори од бугарската влада пишува дека гостинот предложил пет варијанти за компромис, кои треба да влезат во политичката декларација. Меѓу нив имало и формулација за јазичниот спор. Се предвидувала и декларација дека двата народа се братски”.

Мери Ѓорѓиевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста