
Протести на „Црн петок“ за подостоинствени плати
Револтот на вработените во дел од институциите, утре ќе се излее на улиците низ главниот град. Притисоците и заканите нема да ги поколебаат вработените во обвинителствата, судовите, државното правобранителство, фондот за здравство, народниот правобранител како и дел од министерствата да излезат на улица за повисоки плати.
- „Сите заеднички, солидарно ќе оддржиме еден голем протест утре, кој ќе започне пред зградата на ССМ и ќе продолжи со движење до собранието, каде ќе бидат испратени пораки до народните избраници, ќе се оди до министерството за правда и тој протест ќе заврши пред владата, каде што ќе бидат испратени пораки, кои што се надеваме дека ќе вродат со плод.“ – Изјави Бојан Трипуновски од УПОЗ.
Синадикатите велат дека се крајно навредени од неодамнешната изјава на вицепремиерот Бетиќи, кој рече дека ќе има повисоки плати, ако во здравството има поквалитетни услуги и ако во судовите предметите не чекаат со години.
- „Ваквата изјава е тенденциозна, омаловажувачка и крајно непочитувачка за нашата работа. Судската служба ја сочинуваат чесни луѓе, кои не можат по законски овластувања, како и по опис и попис на работа, не можат да имаат никакви влијанија по одолговлекувањето на судските предмети“ – Порача Јасмина Величкова од синдикатот на судска администрација.
Величкова додава дека за работата на судската администрација, доказ се бројките и парите кои се слеваат во државниот буџет. Синдикалците бараат извинување од Битиќи.
- „Изјавата која што ја даде вицепремиерот Бетиќи е срамна за еден вицепремиер, кој што сака оние со најниски примања да ги скара едни со други“ – Додаде Трипуновски.
Утре за поголеми плати ќе протестира и независниот синдикат на здравствени работници пред министерството за здравство, а на протест наредниот петок за подостоинствени примања ќе излезат и пензионерите.
Никола Цветкоски