Протестен марш против новите мерки за невакцинираните, граѓаните кажаа „НЕ“ за овие рестрикции

Со транспаренти во рацете на кои пишува „Слободата нема цена“, „Моето тело е мој избор“, „Стоп за присилна вакцинација“, стотици граѓани го изразија своето незадоволство против новите мерки кои стапуваат на сила од 16 август.

На протестот кој почна пред Собранието, граѓаните, револтирани од најновата мерка на власта, да се ограничи слободата на движење на лицата кои не се вакцинирани кажаа „НЕ“ за овие мерки.

Учесниците на протесто побараа политичарите на чело со премиерот Зоран Заев прво да се вакцинира со вакцина што тие ќе му ја одберат и да гарантира дека од вакцините никому ништо нема да му биде четири години, како предуслов и тие да се вакцинираат. Покрај за мерките, од протестот имаше и политички пораки дел од демонстрантите порачаа дека актуелната влада го продала името, ја украла историјата, а сега, како што велат, сакаат да им ја земат слободата и човековите права.

Вратете ми ја слободата, или ќе ви го срушам режимот, револтирано му порачаа протестатнтите на министерот за здравство. Во знак на револт, граѓаните дури и со ножици ги сечеа маските за на сите да им дадат до знаење дека тие не биле потребни.

На протестот беа присутни и менаџери на угостителски објекти и граѓани кои сметаат дека со новите мерки се врши дискриминација на сите. Со новите мерки, меѓудругото, се забранува влез на невакцинирани во затворени објекти, но и на настани на отворено каде има поголем број на луѓе.

Освен за вакцинираните, новите мерки нема да важат и за оние кои прележале Ковид 19 изминатиот месец ипол. Инаку, маршот кој започна пред Собранието, заврши пред Владата.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста