Протестен марш на културните работници

Со пораката „колективен сега “ културните работници денеска протестираа низ Скопје, бараат  нов колективен договор кој ќе важи од Нова година и повисоки плати. Генералниот секретар на Синдикатот на културата на Република Македонија, Гоце Павловски, за Алфа вели дека премиерот Заев им ветил дека договорот ќе биде потпишан, но такво нешто немало во проекциите на Министерството за култура.

-Добивме ветување од премиерот дека оваа година ќе биде потпишан колективен договор и веќе од 01.01.2020 година ќе биде спроведен. Но, имајќи предвид дека Министерството за култура веќе ги има испратено проекциите за буџетот негов за 2020 година, каде што не се предвидени средства за новиот колективен договор, иницираше револт кај сите нас, изјави Павловски за Алфа.

Неисполнети ветувања од Владата културните работници имале и во текот на минатата година, ветувано било потпишување на колективен договор, но такво нешто нема ниту денеска. Тие порачаа дека повеќе нема да толерираат газење на нивното достоинството.

-Проблемот во целата работа е што ние добивме ветување дека колективен договор ќе биде потпишан во 2018-та година. Министерството некако анемично ги води тие работи, не успеавме да потпишеме колективен воопшто, вели Павловски за Алфа.

По протестот на културните работници, од Министерството за култура велат дека колективниот договор ќе бидал ставен на јавна расправа и ќе бил применлив. А денеска и премиерот Заев помисли на работниците од културата, ги повика на средба, но сепак ќе треба да почекаат 16 дена, односно до 24 октомври.

Матеја Петровски