Протест за сѐ и сешто: Додека Македонија ги одмолчува сите навреди, Бугарија се буни за сѐ

Македонскиот амбасадор станува редовен гостин во бугарското МНР. Владимир Крстевски повторно повикан на рапорт кај Екатерина Захариева. По Васил Гарванлиев, сега поради наводна клевета против Бугарија, од Словенечкиот меѓународен институт за блискоисточни и балкански студии ИФИМЕС. Захариева била загрижена за наводните информации, дека поранешни и сегашни советници на Заев, учествуваат во управувањето со овој институт.

-На веб-страницата на владата на РСМ се наведува дека словенечката организација има договор со извршната власт во Скопје од 2017 до 2020 година, за што добивала 1.000 евра месечно. Потсетуваме, институтот ИФИМЕС објави низа написи со јасна цел да го дискредитира и оштети престижот на нашата земја, преку лажни, искривени и манипулативно презентирани информации, велат од бугарското МНР.

А во исто време и бугарската амбасада во Скопје испрати протестна нота до Министерството за надворешни работи, бидејќи не дозволиле во државава да влезат 920 бугарски книги.

-Амбасадата на Бугарија во Скопје упати протестна нота до МНР на Македонија за одлуката на царинските власти на ГП ‘Деве Баир’ за запирање на пратка од 920 бугарски книги за Бугарскиот културно-информативен центар во РСМ. Примероците од ‘Бугарски народни песни од браќата Миладинови’ беа пренесувани од бугарскиот државјанин Виктор Стојанов, кој на граничниот премин ‘Деве Баир’ го покажал договорот за донација со кој книгите ќе бидат доставени во нашиот културен центар, пиша на Фејсбук Екатерина Захариева.

На Бугаријаи стана редовна пракса да проблематизира се и сешто во врска со Македонија. Нашиот амбасадор претходно беше викнат кај Захариева и поради наводно ширење говор на омраза од македонска страна кон нашиот претставник на Евровизија, Васил Гарванлиев, бидејќи јавно кажал дека има бугарско државјанство.

-Бугарските дипломати изразија длабока збунетост и разочарување од големата негативна кампања во Македонија против претставникот на Скопје на Евровизија, Васил Гарванлиев. Бугарија ќе продолжи да ги вложува сите неопходни напори во согласност со принципите на меѓународното право за да ги заштити правата на бугарските граѓани и граѓаните кои прогласуваат бугарски идентитет, соопштија од бугарското МНР.

Ваквата пракса на Софија е во период кога Македонија е соочена со уцени од бугарска страна на патот кон Европската унија а. Од Софија порачуваат дека Македонија мора да признае дека не постоел македонски идентитет и јазик пред 1944 година. Но и дека мора да признаеме дека Гоце Делчев и други македонски илинденци биле Бугари, а не Македонци. Менувањето на историските учебници во Македонија е уште една работа на која укажува Захариева, како ветена од премиерот Заев.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста