Протест против бетонизација во Козле

Граѓани и членови на опозициската ВМРО-ДПМНЕ излегоа на протест револтирани кон Општина Карпош која сака да изгласа Детален урбанистички план за изградба на педесетина објекти во Козле. Опозицијата алармира – бетонизација на оваа локација е неприфатлива.

Ова е веќе трет обид Општина Карпош да влијае на зелениот појас на Козле и Водно, и покрај тоа што ги познаваат добро, и условите и мислењето на граѓаните, кои се нивните интереси и ставови. Дури и самите имаат неколку пати укажано дека насилната урбанизација е убедливо најголем проблем на жителите – вели Тони Јаревски од ВМРО-ДПМНЕ.

Планот кој треба да се гласа на некои од наредните седници на советот на општината предизвика бурни реакции и кај невладините организации. И граѓаните кои живеат во непосредна близина, и порачаа на локалната самоуправа уште еднаш да размисли за идејата.

Ние повеќе пати се обративме до Општината за реалните потреби на населението, посебно на оваа локација, но Општината остана нема на нашите барања – вели Александар Илиески, жител.

Градоначалникот на Општина Карпош уверува дека сите забелешки кои се испратени од граѓаните, невладините и партиите ќе ги земат предвид, но и ја обвини опозицијата за лицемерие.

Денеска, пред сѐ, протестираа членови и активисти на ВМРО- ДПМНЕ од Карпош. Истите кои го работеа ДУП-от за Градска четврт Ј 04. Секој може да го оствари своето право на протест, но лицемерно е опозицијата да се крие зад општиот граѓански интерес, затоа што тие и Стевчо Јакимовски се директни виновници за урбанистичкиот хаос во Карпош и Скопје – вели градоначалникот на О. Карпош, Стефан Богоев.

Откако ќе бидат разгледани испратените забелешки, на некоја од следните седници на Совет, планот ќе се најде на дневен ред. Деталниот урбанистички план за кој граѓанските иницијативи реагираат дека не бил усогласен со Генералниот, предвидува изградба на педесетина објекти со приземје, два ката и покровје, на локацијата над Институтот за белодробни болести во Козле.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста