Протест на увозниците на коли пред Влада – алармираат дека им се заканува клуч на врата
Клуч на врата им се заканува на 150 регистрирани автоплацеви. Незадоволни од новите зголемени давачки за увоз на половни возила, сопствениците на автоплацеви излегоа на протест пред Владата. Бараат укинување на Уредбата за царинење на возилата, во спротивно алармираат дека ќе им пропаднат бизнисите. Новите давачки се на сила едвај 20-тина дена, а увозот на стари коли кај некои бил намален и до 90 отсто, при што буџетот бил оштетен за 3 милиони евра.
Увозниците се револтирани затоа што воопшто не биле консултирани при подготовката на законот што се донел за само 12 дена.
Сопствениците на автоплацеви велат стандардот на населението дозволува луѓето најчесто да купуваат стари возила во вредност од 2.500 до 5.000 евра, а токму давачките за овие коли се зголемиле од 400 до 800 евра.
Уредбата засега нема да се менува, бидејќи се уште било рано да се видат првичните резултати – дециден е директорот на Царинската Управа. Ако не се исполнат нивните барања, увозниците се заканија со секојдневни протести и блокади на улиците.
Тања Попова