Протест на кандидатите за полагање испит за директори во училиштата, директорката бара трпение

Кандидатите пријавени за полагање на испит за директори во средните и основните училишта го кренаа гласот. Се жалат дека иако уплатиле пари, веќе неколку месеци чекаат за обука и полагање испит. Во знак на револт, иако недела е ден за одмор, излегоа на мирен протест пред Државниот испитен центар од каде бараат да бидат поажурни во носењето одлуки.

Ксенија Врамчева, една од кандидатите, го прочита отвореното писмо до директорката на Државниот испитен центар, во кое се наведува дека сите овие кандидати биле пријавени согласно Закон, и ги имаат уплатено потребните средства за реализација на обука и спроведување на испити.

  • Изненадени сме од самоволието и непочитување на позитивните законски прописи иако согласно член 5 од Законот ги исполнуваме условите за спроведување на основна обука и согласно член 8, став 1, цитираме: „Реализацијата на обуката според Програмата, за пријавени кандидати започнува по формирањето на група од десет кандидати, пријавени за обука, се вели во писмото упатено до директорката на ДИЦ.

Дел од кандидатите според нивните сознанија велат дека до сега биле формирани повеќе од пет групи и сите кандидати ги исполнувале пропишаните услови. Зошто се чека, одговор барем за сега нема.

  • Нашите сознанија ги потврдува и тоа што на веб страницата на ДИЦ во делот на АРХИВА за периодот од 2019, 2020 и 2021 година никаде немате поставено информација за реализација на обуки за директори на основните и средни училишта. Дополнително на ова ниту пак индивидуално сме добиле повратна информација на поставени прашања во врска со термини за започнување на обуката, велат кандидатите.

Алфа стапи во контакт и со директорката на Државниот испитен центар. Таа бара трепение за сите и постапувале согласно законот, а обуките и испитите за директори, вели се спроведувале редовно. Последниот испит бил организиран во декември лани, а следната обука би требало да започне дури во март.

  • Не знам од каде толкава нервоза. Обуки може да има и почесто, но не сме ние тие кои треба да ги вршиме истите. За тоа се задолжени обучувачи – сите избрани на конкурс, тие сега треба да се најдат, по што ќе имаме обуки и се ќе си биде во ред. Никогаш не било случај веднаш од кога ќе се јават, да се најдат на обука, со време ќе се заврши се како што треба, вели меѓу другото за Алфа Елизабета Наумовска, директорката на Државен испитен центар.

Кандидатите се пожалија и дека не добиле повратна информација во врска со термини за започнување на обуката. Инаку, обуките чинат околу 500 евра и ако не се спроведат час поскоро, кандидатите ќе се жалат и кај народниот правобранител.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста