Сите знаеме кој ја труе нашата населба, но никој не ги казнува загадувачите – се пожалија на вечерашниот протест жителите на Гази Баба и прстот го вперија во надлежните институции кои велат го игнорираат проблемот со загадувањето. Под мото „Автокоманда сака да дише” истоимената иницијатива порача дека ова е предупредувачки протест, а доколку не ги чуе никој, ќе почнат со блокади низ цело Скопје.

„Ова го организираме за сите граѓани од Општина Гази Баба, особено за младите деца, затоа што ние родителите сме сведоци за последиците, често сме по болници и амбуленти и најчесто децата страдаат и се разболуваат од воздухот.” – изјави Соња Стаменковска од иницијативата „Автокоманда сака да дише“

Дел од присутните се пожалија на повеќе проблеми како градежништво, диви депонии, индустријата, па ги повикаа надлежните се заложат и што поскоро да ги решат, бидејќи велат, здравствени последици трпат сите подеднакво.

„Навечер е ужас. Пред некој ден беше прозорци затворавме. Не се дише едноставно”. „Многу сум револтирана. Многу, затоа што од убава населба Гази Баба стана хаотична населба.” – велат граѓаните.

На протестот поддршка даде и градоначалникот на Гази Баба Борис Георгиевски кој ги повика граѓаните и активистите на јавна дебата за проблемите на Општината. Вели е свесен за сите горливи проблеми и за главните загадувачи, но општинските капацитети за решенија и контрола вели се мали.

„Ние правиме напори бидејќи располагаме со одреден број луѓе, ограничени сме, сепак имаме начин кој заедно можеме да го направиме, преку меѓуопштинска соработка, каде што сите релевантни комунални инспектори и граѓански организации би се вклучиле за да ги лоцираме жариштата во она што претставува палење и загадување во овој период.” – изјави Георгиевски.

Гази Баба важи за една од најзагадените општини во Скопје, но колкаво било загадувањето во изминатиов период никој не знае,  бидејќи мерните станици не функцинираа скоро една година.