Пропадна средбата за раст на минималната плата, дијалогот продолжува в петок – ако нема договор работниците на улица

По повеќе од три часа преговори, заврши состанокот на Економско-социјалниот совет во Владата на кој Организацијата на работодвачите, владините претставници и синдикатите разговараа за зголемување на минималната плата, а на кој не биле усогласени ставовите меѓу страните.

„Овој пат времето работи за работниците. Газдите нека размислат добро дали ќе кажат „Да“ за раст на минималецот“, вели првиот човек на ССМ Дарко Димовски, по неуспешната средба во Владата. Синдикатите рекоа дека работодавачите во 5 до 12 излегле со свој предлог, затоа што тие ги увериле дека мора да се покачи минималецот. Тој вели дека работодавачите купиле време до петок. Ако газдите не го одврзат ќесето и не ги почакат платите, работниците ќе излезат на улица во петок. Димовски рече дека ова е реална потреба, и не е никаков товар. Ако разговорите паднат во вода, ќе има генерален штрајк.

  • Анализите покажуваат дека минималната плата мора да расте и сите останати плати. Тоа е согласно законот и колективниот договор, ијави Дарко Димовски од ССМ предупрдувајќи дека ако бидат прифатени барањата на синдикатите ќе пристапат кон генерален штрајк.

Вицепремиерот Фатмир Битиќи вечерва изјави дека дијалогот за покачувањето на минималната плата продолжува во петок. Ги уверува граѓаните дека наскоро ќе има консензус за нивните плати. Вели дека целта е да креираат долгорочен систем. Тој не може прецизно да каже дали во петок или идната недела ќе има конечна одлука.

  • Ќе зборуваме за креирање на систем, креирање на механизам кој ќе остане и во наредните години, рече Битиќи.
  • Ги уверувам сите граѓани кои се во категоријата на приматели на минимална плата, дека наскоро ќе имаат консензус околу нивните покачени минимални плати. Но, кажавме дека единствен начин како да се стигне до достоинствена плата за нашите работници, е креирање на систем кој е долгорочен, додаде Битиќи.

Работодавачите одбија да го кажат износот, тврдejќи дека за висината на минималната плата немаат сопствени пресметки, туку ја чекаат владата да направи пресметка врз основа на нивните предлози. Но, од синдикатите веднаш ја направија пресметката, а тоа е износ од 16.242 денари.

Нова средба е закажана за петок, во 16 часот, на која сите три страни се надеваат дека ќе бидат испеглани разликите.

Минималната плата се усогласува секој март во годината, но синдикатот бара зголемување веднаш. Смета дека ваквото барање е егзистенцијално имајќи го предвид зголемувањето на трошоците за живот, економската и енергетската криза. Како аргумент плус го посочуваат и тоа дека две минимални плати не се доволни да ги задоволат минималните трошоци на едно семејство.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста