Пропадна обидот за вонреден конгрес, иницијаторите велат поради короната, базата возвраќа, се покажа дека немаат поддршка

Пропадна уште еден обид на Заев да инсталира контролирана опозиција.Вака во ВМРО-ДПМНЕ ја коментираат одлуката на иницијативниот одбор за одложување на конгресот кој требаше да се одржи на 28-ми. Високи извори во најголемата опозициска партија велат дека ова само ја зацврснува позицијата на лидерот Мицкоски. Од ВМРО-ДПМНЕ истакнуваат дека се покажало дека наспроти најавите на иницијаторите за мнозинство тие немаат поддршка во партијата и само потврдиле дека се продолжена рака на Заев и актуелната власт.  Оправдувањето дека конгресот е одложен поради влошената епидемиолошка ситуација е неиздржан бидејќи корона имаше и кога беше објавена намерата за одржување на вонреден конгрес, сметаат од ВМРО-ДПМНЕ.

“Ова е и најголем доказ дека ВМРО-ДПМНЕ пактови со криминал не прави, но и дека луѓе кои уценети одработуваат за Заев не може да бидат иднина. ВМРО-ДПМНЕ е реформирана и прочистена партија од компромитирани кадри кои решија да му служат на Заев. Ништо од приказните и лагите дека имале мнозинство делегати па дека нив им била намерата да направат промени во опозицијата со тезата заев е добар, а ВМРО-ДПМНЕ не чини,” се вели во партиското соопштение

Мицкоски иницијаторите за конгресот ги нарече скриени слуги на Заев во опозицијата.

“Барем во изминативе месеци му ги видовме сите адути и оние скриени слуги во опозицијата. Остана верно ВМРО-ДПМНЕ на народот. Еден новинар ми вели сега сите се качија на еден ист брод, се собра дружината. Уценуваните и уценувачите. А Заев сакајќи да наштети на ВМРО-ДПМНЕ си стави уште еден тег на ногата. Епа Заев со здравје да си ги носиш. Си одговарате и по криминалот и по нечесноста. Ви кажувам сега доаѓа ураганот од народ кој ќе го потопи тој брод на кој сте собрани топтан”, рече Мицкоски

Иницијаторите за вонреден конгрес преку соопштение најавија дека ќе информираат за нивните следни потези.

Градимир Марковски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста