Пронајдено е безживотното тело на Вања – Била убиена на денот на киднапирањето
Пронајдено е безживотно тело на исчезната ученичка, 14 годишната Вања Ѓорчевска од Скопје, стои во заедничко соопштение на Основното јавно обвинителство и МВР.
Според надлежните, нејзиното тело е пронајдено во околината на Скопје. Осомничени се 5 лица, од кои за тројца се бара притвор, едно лице е надвор од државата, а едно е на распит во полициска станица.
Пронајдено е и безживотното тело на Панче Жежовски, 74-годишниот фризер од Велес, кој е исчезнат од средата. Пронајдено беше и неговото возило, кое било целосно опожарено.
- „Од спроведените истражни дејствија утврдено е дека и двете убиства се извршени од истите лица, чиј мотив е „користољубие“. Исто така, од реализираните оперативни мерки е утврдено дека малолетничката В.Ѓ. е земена со возило од влезот на живеалиштето, а од обезбедените информации од распитот утврдено е дека била убиена истиот ден (27.11.2023) околу 10.00 часот.“ – Пишува во соопштението од Основното јавно обвинителство.
Оттаму велат дека се издадени наредби за обдукции на телата на жртвите и за соодветна идентификација, како и наредби за прибирање и вештачење на сите траги и докази од двете локации.
Од обвинителството додаваат и дека случајот нема етничка заднина, бидејќи сите осомничени се од македонска етничка припадност.