Пронајдени дијаманти и документи: Сомнеж за криминал тежок милиони евра на блиски до семејството Заеви

Пронајдени дијаманти и документи: Сомнеж за криминал тежок милиони евра на блиски до семејството Заеви

Пронајдени дијаманти и документи за кои постои сомнеж дека се дел од криминалната империја, со цел проневера на повеќе деситици милиони евра, ова е само дел од она што истражните органи нашле кај близок соработник на семејството Заеви.

Според информациите на Алфа, при претресите кои се одвивале во Струмица, Скопје и Гостивар, институциите обезбедиле присуство на сега веќе главниот  осомничен, додека повеќе лица се во бегство.

Постојат сомненија за сторени кривични дела даночно затајување, даночна измама и перење пари. За таа цел косовски државјани формирале фирми кои имале деловна активност со осомничениот струмички бизнисмен, кој важи за близок до поранешниот премиер, дознава Алфа.

Без да споменува имиња, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски потврди дека имало полициска акција, а постои сомнеж за голем криминал вреден милиони евра.

-Ова е еден од предметите кои што слободно можам да кажам дека има основани сомненија дека станува збор за епски криминал, кој што за жал е на штета на буџетот на Македонија, односно на парите на народот. Првичните информации дека станува збор за милионски суми, кои што се последица на неколку кривични дела, изјави Тошковски.

За оваа акција на македонските институции министерката за финансии испрати благодарност до Управата за јавни приходи, за помошта при откривање на можните криминали.

-Сакам да искажам огромна благодарност до Управата за јавни приходи и директорката Елена Петрова, а особено до колегите од Струмица и другите градови кои денес заедно со мене цел ден неуморно работеа во спроведување на акцијата во Струмица. Дел од нив директно со мене во Струмица, а дел и низ други градови на Македонија, изјави Димитриеска Кочоска.

ВМРО-ДПМНЕ во минатото предупредуваше дека фирми поврзани со Заеви се вклучени во криминал. Пред четири години објавија дека бил фатен камион во кој имало брендирана роба за шверц, па бил пуштен по ургенции на власта.

-Според нашите информации, камионот кога бил сопрен кој превезувал роба за блискиот соработник на Вице Заев, Крмзов, инаку „Винекс текстил“ немал документи за царина на дел од робата која што ја превезувал. Возачот немал исправни документи за брендираната роба и авто деловите, а лажел дека имал комплетна документација кога бил сопрен од надлежните лица од полицијата, порачаа пред четири години од ВМРО-ДПМНЕ.

Акцијата за овој случај, за кој постојат сомнежи за повеќе кривични дела заеднички на спроведуваат полицијата, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, УЈП во соработка со Министерството за финансиски работи. Претреси биле извршени во повеќе фирми, како и во домови на дел од осомничените но и во познатата „Вила Парк“ во Струмица, локал за кој јавна тајна е дека зад него стојат Заеви, но официјално има друг сопственик.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста