Книгата „Разговори со Унковски“ од Зоја Бузалковска, театарска режисерка и универзитетска професорка, ќе се промовира во Кино Култура, вечерва (четврток, 3 октомври), со почеток во 20 часот. Промотори на книгата ќе бидат легендарните актери Воја Брајовиќ, Јовица Михајловски и Бранко Цвејиќ, како и Искра Гешоска, критичарка.

Во поканата за оваа промоција, се открива дека оваа книга излегува по 20 години перипетии. И понатаму се вели:

„Ова е книга разговори на ученичката со својот учител (еден доживотен статус) низ повеќе фази, темелен теориски труд и практичен учебник, кој на едноставен начин отвора суштински дилеми, мисли, изградени ставови, чувствувања, врзани со театарот на Слободан Унковски, со неговиот сценски ракопис, со пристапот или методот на мајсторот, со неговото битие, со неговиот толку посебен свет, кој најдиректно и најотворено го споделува и со нас. Разговорите се водени во три наврати: во 1999 година, во 2010 година и непосредно пред издавањето на книгата, кон крајот на 2018 година. На крајот, книгата си дојде дома, па така, издавач е Театар на навигаторот Цветко.“