„Промените во ВМРО-ДПМНЕ треба да донесат успех, власта е нестабилна и со протести брзо ќе падне“

Промените и новите лица во раководните структури во ВМРО-ДПМНЕ треба да донесат успех на опозицијата, сметаат познавачите по структуралните промени донесени од Централниот комитет. Според универзитетскиот професор Александар Даштевски промените во опозициската партија ќе донесат раст на рејтингот, но доколку новите кадри се фатат за работа, од што според него ќе зависат резултатите кои ВМРО-ДПМНЕ ќе ги постигне.

-Сметам дека сите промени се добри. Нели поминаа изборите, веројатно е направена проценка дека овие кадри ќе имаат во разни области поголем капацитет за борба во јавноста итн. Така што од тоа ќе зависи и какви резултати понатаму ќе се направат, вели Даштевски за Алфа.

Дел од новиот Извршен комитет покрај лидерот на партијата Христијан Мицкоски, потпретседателите Владо Мисајловски и Александар Николоски, ќе бидат и нови лица, но доста актуелни во јавноста последниов период, како што е пратеничката Рашела Мизрахи, доктор Вело Марковски, полковник Драган Ковачки, заменик министерката за финансии во техничката Влада, Гордана Димитриевска Кочовска. Членови на ова партиско тело ќе бидат и Марија Андоновска, Олга Лозановска, Стефан Андоновски, пратеникот Кирил Пецаков. Дел од новиот ИК ќе биде и претседателот на Унијата на млади сили Сергеј Попов, како и уште еден член на УМС, во името на Иван Иванов. Место во Извршниот комитет има и за старите искусни партиски кадри, Коце Трајановски, Трајко Славевски, Антонио Милошоски, Никола Мицевски и Дафина Стојановска.

Посебно внимание во јавноста во текот на ковид пандемијата предизвика името на докторот. Марковски вели Мицкоски може да помогне во справувањето со ковид кризата.

-Ценам дека еден стручњак од ваков калибар многу може да допринесе и во самото делување на опозицијата, но и самото делување на Министерството за здравство и за здравствените власти. Македонија требаше да има 2.000 заболени и неколку десетици починати, за жал денеска имаме, за жал сега ближиме до бројката 16.000 речиси заболеми, близу 700 починати, изјави Мицкоски.

ВМРО ДПМНЕ продолжува со протести, според Даштевски тие ќе помогнат за побрз пад на власта.

-Гледаме дека власта е нестабилна, економските политики што се водат се лоши, вчера слушнавме дека ќе се зголемуваат платите, а не да растат, дека ќе има уште поголема социјална и економска криза. Така што тие протести може да придонесат до брзо паѓање на оваа власт која и така е нестабилна, вели Даштевски.

Меѓу промените во раководството на партијата, на седницата на Централниот комитет била констатирана и оставката на генералниот секретар Игор Јанушев. Како што соопшти Мицкоски, тој си заминува поради приватни причини.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста