Промашувања и неисполнети ветувања, со што Шилегов се надева да добие втор мандат?!

Бетонирање на дрвја во Центар, сеча на „Орце Николов“, ќе се урива па нема да се урива Универзална, платформи на Матка, загаден воздух, повисока цена на паркинзи – се само дел од работите кои ја одбележаа работата на градоначалникот на Скопје. На само три месеци од крајот на првиот мандат на Петре Шилегов, метрополата уште не доби комунална полиција, а тешко и дека ќе добиеме признание за Европска зелена престолнина, како што најавуваше во предизборието, оти не се реши ниту проблемот со аерозагадувањето. За фијаското дека Скопје не влезе во зелени градови многупати алармираа невладините – најголемата причина беше аерозагадувањето.  

Уште во првите месеци откако седна на градоначалничката фотелја, тој почна да се занимава со уривање на веќе завршени градби наместо со најавените проекти. Тој го отстрани споменикот на Андон Лазов Јанев – Ќосето, што предизвика низа бурни реакции во јавноста. Пред извесно време започна и постапка за отстранување на галиите во Вардар .

За работата на градоначалникот Шилегов и дали ги исполни своите ветувања, граѓаните со поделени мислења

Градскиот татко најави победа во борбата со аерозагадувањето – но граѓаните и понатаму дишат отровен воздух и покрај топлото време. Дури ја убедуваше екипата на Алфа дека не било загадено.

Градоначаникот ветуваше и регулирање на јавниот превоз со трамвај – ама проектот го пролонгираше за 2024 година. Граѓаните сега плаќаат и поскап паркинг. На одредени места во Скопје, цената е зголемена за 50%, некаде и за 100% како што е случајот на Водно.

И скандалот со продавањето на Градска куќа, која беше наменета за градската администрација не остана незабележан од јавноста. Шилегов ја продаде барокната зграда за 12,7 милиони евра. Причината за продажбата на објектот беше бидејќи во него немало доволно место за сите вработени во град Скопје. Тогаш требаше да се бара нова зграда но и ден денес, вработените останаа на истата локација. А остана и отворена дилемата каде завршија парите откако ЕВН ја купи Градска куќа.

Адријана Алексиеска

Advertisements