Прогонот врз Душко – млекарот кулминира со семејна драма

Битолчанецот Душко- млекарот, кој неколку години преку социјалните мрежи објавуваше материјали за незаконското работење на актуелната власт и кој, поради закани од поединци, како што велеше, бил принуден со семејството да побара азил во Германија, сега таму веќе е во екстрадициски притвор. Ова е последица на распишаната потерница од Основниот суд во Битола во март годинава, а поради две правосилни пресуди како учсник во “Шарената револуција“- едната од една година за учество во толпа, а другата од една и пол година, за наводнен напад врз службено лице. Го осудија без да има можност да се брани и како што ни рече пред неколку месеци- ,, претхоните само ме гонеа, ама овие ме осудија“.

Пред неколку дена, службениците од екстрадицискиот сектор во Германија, им тропнале на вратата во домот на семејството Илиевски и штом Душко се појавил, веднаш го привеле полицајците кои биле во асистенција. Вчера, сопругата Леонора по телефон и низ солзи, за гледачите на АЛФА ја раскажа голготата и неизвесноста низ кој поминува со децата во Германија. Но, семејната драма продолжува и во нивната куќа во Битола, каде што живеат родителите на Душко.

– Неверување, страв и тага владее на улица “ Коста Абрашевиќ“ бр. 39 во Битола. Родителите на Душко- млекарот, силно потресени и со голема тага го очекуваат исходот од она што ќе се случува во Германија со екстрадицискиот притвор.

Мајката Лиле и таткото Томе, не пречекаа видно вознемирени, истрошени и столчени од моќната тупаница на власта, во која Дуле- млекарот со години се колнеше, а на крај, само зашто јавно ги критикуваше, му се намерачија да го донесат во македонските затвори.

– Зошто Душко да го затворат? Заради тој СДС пропадна затвор. Десет години трчаше по нив и му велев- Душко, немој мајка да одиш, рече мајката Лиле.

– Кола имало со полиција и го зеле, па го терале да се потпише. Тој не се потпиша, па го привеле. Со плачење ми се јави снаата и тешко им на нив, затворени се, рече таткото Томе.

Грижи за Душко, уште поголеми за неговата фамилија. Кутрите родители не знаат кој пат да фатат, а немаат пари ниту за адвокати.

– Насеќирани сем и изгорени. Децата не знаеме што прават таму сами, дали имаат за јадење или немаат. Мора да е ова политички, инаку четири години таму направи, доби и пасош за да остани, рече таткото Томе.

– Од секирација ми е срам да излезам на улица. Ние бевме првите прочуени со свињи, со крави и со пазар. Сега без ништо, кај да се врати снаата, кој ќе ги издржува. Јас не можам, тој затвор, кој ќе работи. Гревота за дечињата, ги понижија, вели мајката Лиле.

Од познати битолски земјоделци, останаа без ништо. Кравите и другата стока ги продадоа, а земјата повеќе нема кој да ја работи – таткото со малигно заболување и хемотерапија одвај дише, а мајката Лиле забрзано го губи видот. И што уште да се рече- млекарот Дуле кој порано беше член на Комисијата за земјоделие во СДСМ, сега моќта на машинеријата него и неговото четиричлено семејство ги мели до целосно уништување.

Петар Стефановски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста