Прогласени најдобрите во македонската кошарка за 2021 година

Македонската кошаркарска федерација на свечена церемонија го избра најдоброто од македонската кошарка за годината што изминува. МКФ додели 17 награди во 17 различни категории. Признанието најдобар македонски кошаркар го понесе Андреј Магдевски, а за најдобра кошаркарка прогласена е Анџелика Митрашиновиќ. Епитетот најдобар клуб му припадна на МЗТ Скопје во машка, а на Баскет Кам во женска конкуренција. Признанијата за најдобри тренери ги добија Горан Самарџиев и Александар Ашаданов, а во младинските категории, Андреј Апостолски Лечиќ и Анета Глигорова. Најдобар млад кошаркар е Теодор Симиќ, кај кошаркарките Михаела Алексовска. Во младинските категории, Работнички е најдобар кај посилниот, Бадел кај понежниот пол, а број еден младинска репрезентација е женската до 16 години. МКФ додели лауреати за најдобра екипа во 3 на 3, тоа е Кино Влае, од чиј тим е и најдобриот играч Ервин Цого. Судија на годината е Игор Митровски, а македонски репрезент во странство е тренерот Емил Рајковиќ. Посебна награда доби кошаркарската селекција на Специјалната олимпијада, а постхумано им беа доделени пофалници на Благоја Георгиевски – Буштур, Анте Дуковски, Марјан Лазовски, Војислав Зивчевиќ и Драган Василов-Цевка. Специјални статуетки доби легендарната генерација за јубилејни 10 години од историското четвртото место на Евробаскетот во Литванија.

Поврзани вести