Прогласена 30-дневна кризна состојба поради пожарите

30 дена кризна состојба на територијата на Република Македонија поради алармантната состојба со пожарите. По предлог на Управувачкиот комитет за воведување кризна состојба, Владата ја донесе ваквата одлука и тоа на седница која ја водел првиот вицепремиер, Артан Груби. Тој изрази надеж дека прогласувањето на кризната состојба, заедно со забраната за движење по шуми, ќе придонесе за надминување на ситуацијата со пожарите во земјава.

„Се обидуваме со целосна мобилизација на капацитетите да се справиме со пожарите. Сметаме дека ваквата одлука, заедно со забраната за движење во шуми, ќе помогне да ја запреме огнената стихија. Речиси над 80 проценти од пожарите се предизвикани од човечки фактор“, рече Груби.

Во Законот за управување со кризи, кризната состојба е дефинирана како состојба предизвикана од ризици и опасности кои можат да ги загрозат добрата, здравјето и животот на луѓето и животните и безбедноста на државата, за чија превенција или справување е потребна употреба на поголем обем на ресурси. Одлуката за нејзино прогласување не може да трае подолго од 30 дена. Доколку има потреба сепак да се продолжи, Владата треба да побара одобрување од Собранието или од претседателот на државата.

Со воведувањето на кризната состојба, владата на претседателот на државата му предложи припадниците на армијата да земат учество во справување со кризната состојба, иако тие веќе наголемо се вклучени во гаснењето на пожарите.

Исто така, главниот штаб при Центарот за управување со кризи  веднаш треба да започне подготовка на акциски план за превенција и справување со пожарите, како и целосен преглед на расположливи човечки и материјално-технички ресурси и план за координирано дејствување, иако тој план веќе одамна требаше да биде изработен.

Меѓу другото, ЦУК ќе има за обврска да ја известува јавноста на дневна основа во врска со превенцијата и справувањето со пожарите. 

Исто така, МВР, Армијата, ЦУК, ДЗС, како и Министерството за здравство и сите останати институции како на државно така и на локално ниво, треба да ги стават на располагање сите расположливи капацитети и ресурси за справување со кризната состојба.

Од трети август важи забраната за движење низ планини и шуми во целата земја.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста