Професори: Ректорот на УКИМ со допис уценува да се формира синдикат под негова контрола

Врие во високото образование. Професорите бараат подобри услови за работа, потпишување на колективен договор, но и повисоки плати не за 10% туку повеќе. Од Независниот академски синдикат бараат раководството на УКИМ, да ги тргне рацете од професорите и да ги остави на работат како до сега. Алармираа дека ректорот на УКИМ вршел притисок и уцена да се формира синдикат кој ќе биде под директна контрола на генералниот секретар на ректорот.

– Дијалог е потребен помеѓу вработените и работодавците, но на ваков начин да се урниса идејата за синдикално здружување е срамно, вели професор Горан Јанев, Институт за социолошко правно политички истражувања

– Самиот овој допис и собирањето на ректорите од страна на министерот претставува прекршување на членот од 195 од Закон за работни односи. Ова претставува отворена закана која што се базира на измама. Заканата е дека нема да се покачат платите за 10 проценти и покрај тоа што се парите во буџетот на државата, а измамата е да се направи без да се потпише колективен договор со репрезентативен синдикат, велат од Независниот академски синдикат.

Освен Независниот академски синдикат, со реакција се јавија и од СОНК. Бараат универзитетите да не вршат жестоки притисоци врз професорите.

И покрај докажаната репрезентативност на СОНК во дејноста образование и јавните заслуги за зголемување на платите во високото образование, некој се обидува тоа да го девалвира сработеното, а воедно и да манипулира со категоријата на нај образовани работници во државата, пишува Јаким Неделков од СОНК.

Реагираше и ректорот на УКИМ.

– Крајно сум разочаран од неразбирањето на крајната и единствена цел која е искористена за други дневно-политички игри и цели. Личниот став на дел од професорите е нивно право. Најчевска ги повикува вработените на УКИМ на бојкот, чија крајна цел е спротивен на интересот на сите вработени и не води кон подобрување на нивната материјално-финансиска состојба, пишува меѓу другото ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски.

Ако државата итно не преземе конкретни чекори, универзитетите низ државата ќе останат без кадар, алармираат професорите.

За овие проблеми полека да се надминуваат, мора државата сериозно да размисли какви чекори ќе преземе, за високото образование да не остане закопано на дното во регионот, па и пошироко.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста