Професионализација или политизација, што се случува во македонските институции?

Професионализација или политизација, што се случува во македонските институции? Се зголемува бројот на случаи на разрешување на функционери од нивните работни места , причина оти се спротиставиле на одлуките на власта. Последен случај е Ана Петровска, која беше разрешена од директорската функција во Државниот инспекторат за животна средина, веќе не е директор оти од партијата на Морачанин така побарале.

Претседателката на ДКСК, Ивановска за Алфа посочува дека политиката има силно влијание и во поставувањето и во разрешувањето раководни лица.

Од оние предмети што досега сме ги работеле, сме утврдиле дека, за жал, политичкото влијание е многу присутно во поставувањето и разрешувањето на директорите, за сметка на квалитетните програми и постигнатите резултати. Во случајов, станува збор за разрешување без соодветно образложение на директор кој постигнал позитивни разултати. За жал, имаме бројни примери на раководни лица кои постигнале негативни резултати и наместо да бидат разрешени, тие се именувани на раководна позиција во друга институција. Се прашувам – кој труд се вреднува во општеството и која порака се пренесува на овој начин? Кон што целиме, која ни е целта? Да постигнеме или да не постигнеме резултати“,-вели за Алфа Билјана Ивановска – Државна комисија за спречување корупција.

Но не е само Петровска, пред само 5 месеци од функцијата директор на пазарен инспекторат беше разрешен и Стојко Пауновски, му ја одзедоа функцијата бидејќи не прифати да вработи над триесетина лица по Рамковен како што бараше Владата. Тој рече дека не може да ги преземе сите 32 вработени, туку само оние кои имаат соодветно образование, по што премиерот му се закани со смена, затоа што „пркосел“.

И Петровска и Пауновски беа директори од чија работа граѓаните беа задоволни, сепак останува отворено прашањето дали власта заради зачувување на “мирот во куќата” разрешува професионалци, само за да го задржи тенкото мнозинство.

Но промена на кадри не се случуваат само во државните институции, туку и во болниците. Од работа беше избркан и докторот невролог Мирослав Гроздановски, кој пред еден месец ја фотографираше погрешно испишаната табла за „дерматовенерологија“ во поликлиниката „Букурешт“, а која подоцна осамна на социјалните мрежи и предизвика јавен потсмев. Граѓаните прашуваат дали се избркани од работа тие кои ја згрешиле таблата или се бркаат од работа само оние го јавно критикуваат?

Претходно закани за работното место трпеше и просветниот инспектор Ѓорѓи Илиевски кој соопшти информации за унапредување во научни звања на сегашни владини функционери од редовите на ДУИ.

Мери Ѓорѓиевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста