Проф. Димитров за БНТ: Застојот во сите области на договорот со Македонија е неверојатен

Ништо не било исполнето од Договорот за добрососедство и пријателство од 2017 година, и тоа е најголемата причина што Македонија нема да ја одржи првата меѓувладина конференција да стане дел од европското семејство. По државниот врв на Бугарија кој беше дециден дека ветото останува зацементирано, и бугарската страна во мешовитата комисија за историја со критики – нема напредок во преговорите – нема зелено светло за македонската евроинтеграција.

„ Во Договорот за добрососедство не е ништо исполнето, така што претпоставувам дека Скопје ќе направи напори за да покаже дека има желба за да постигне некаков напредок во другите сфери како инфраструктурата и.т.н. По сите области во договорот, застојот е неверојатен. Односот кон бугарската историја и она што РСМ го смета за своја историја е најболната точка во односите, зашто тоа ги формира менталитетот и културата кои се одразуваат во сите области на животот. Таа точка треба да биде оздравена , но неопходна е катарза за историската наука и целото општество. Тешко е тоа да се случи наскоро ако нема политичка волја – изјави копретседателот на македонско-бугарската комисија за историја Ангел Димитров.

И додека Власта неуспешно се обидува да ја премисли официјална Софија да ги промени позициите кон Македонија, што се единствената пречка на патот кон ЕУ, во Бугарија дури и обичните граѓани не сакаат нашиот источен сосед да ја крене рампата.  70% од бугарите не се согласуваат Софија да прави отстапки во спорот со Македонија. Тоа го покажуваат резултатите од анкетата на агенцијата за истражување на јавното мислење „Галуп“. Само 20% од испитаниците се согласуваат за зелено светло – а 10% се двоумат. Анкетата е спроведена помеѓу 14 и 16 јуни, на 890 полнолетни граѓани.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста