Проф. Даниловски: Скринингот во училиштата нема да даде резултат

Надлежните се пофалија – докторите ги прекорија, ограничен скрининг во училиштата нема да ја покаже реалната слика на траснсмисија на корона вирусот помеѓу учениците. Професорот Драган Даниловски е дециден – за да се држи вирусот под контрола потребно е тестирање барем еднаш неделно и тоа на сите 240.000 ученици во основното и средното образование. Доколку тоа не е можно, барем да се обезбедат тестови за да се тестираат сите деца кои во текот на есента и зимата ќе пројават симптоми на настинка, вели професорот.

„Онака како Грците што прават, редовно тестирање, минимум еднаш неделно, оптимално два пати на сите 240.000 ученици. Тоа е нешто што би имало ефект во епидемиолошка смисла. Ако тоа е невозможно, утешна варијанта или подобра од само скринирање на репрезентативен примерок би било само тестирањето на оние ученици коишто имаат симптоми, па да се разграничи кои се настинки кои се ковид случаи и да можат да се изолираат“, вели професорот Драган Даниловски.

Даниловски алармира и дека пристапот за давање на трета доза кај вакцинираните граѓани уште од старт е погрешен, особено за оние кои ги примиле вакцините од кинеските производители кои развиваат помал број на антитела. За нив државата требала да обезбеди тестирање на антителата три недели по примена втора доза, за да можат веднаш да примат и трета доколку не го развиле потребниот имунитет.

„Мислам дека индивидуалниот пристап требаше да биде усвоен, секој што прележал или поминал две дози да се тестира и да се види колку му се антителата, особено оние кои се вакцинирани со овие помалку имуногените вакцини, ама ете се отиде вака шематски“, вели Даниловски.

Според податоците на Министерството за здравство до сега во земјава целосно се вакцинирани близу 730.000 граѓани, што е речиси двојно помалку од бројката потребна за да се постигне колективен имунитет. Во меѓувреме опаѓа и интересот за вакцинација. Вчера прва доза вакцина примиле само 1200 граѓани. Трета „бустер“ доза за само четири дена примиле 181 лице.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста