Проектот Русино тапка во место-општините немаат пари, СТОП РУСИНО се заканува со нови блокади

Работите околу депонијата Русино тапкаат во место.Регионалното претпријатие за управување со отпад,кое се основа пред неколку месеци,од страна на сите полошки општини,сеуште не функционира, па доцни и реализација на проектот,со кој постепено Русино треба да се санира,а потоа и да се затвори и дислоцира.Општините треба да го финансираат проектот,но, ниту една досега не издвоила пари,признава гостиварскиот градоначалник.Се правда дека било криза.

Сите општини треба да финансираме.Финансирањето е по глава на жител, колку општината има жители толку треба да плати на претпријатието.Ние сеуште немаме обезбедено пари,бидејќи сме во слаба финансиска состојба, како што се и повеќето општини поради ковид кризата-рече Арбен Таравари-Градоначалник на Гостивар.

Во иницијативата “СТОП РУСИНО” предупредуваат дека повторно ќе ги активираат протестите и блокадите, доколку општините што поскоро не почнат да работат на проектот.

Доколку овие наши барања не се испочитуваат, ние секако ќе се активираме повторно.Сега сме ставени во позиција на набљудувачи,чекаме да видиме до каде ќе оди работата.Свесни сме дека депонијата не може за еден ден да ја затворат, или за еден месец, но,не сакаме тоа да се оддолжи-вели Анастасија Дуковска- Иницијатива “СТОП РУСИНО”.

Во државниот инспекторат за животна средина тврдат дека санацијата на Русино, што подразбира мерки за контрола на исцедните води, како и организациски подобрувања на приемот и отстранувањето на отпадот, ќе започнела следниот месец.Но, и ова е под знак прашалник, со оглед на тоа што општините сеуште немаат обезбедено пари.

Милена Вучевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста