Продолжува вербалната војна меѓу Царовска и Бектеши околу царинските стапки

Не сакам да го коментирам – ова е одговорот на Вицепремиерката Мила Царовска на обвинувањата на министерот за економија Крешник Бектеши дека повеќе тера предизборна кампања, отколку што работи и дека не е во тек со процедурите потребни за да се донесе одлука околу царинските стапки. Таа тврди дека професионално си ја извршува должноста и дека биле запазени сите постапки.

„Дали навистина сметате дека треба да го искоментирам министерот за економија? Тоа апсолутно е организирано, и од Царинската Управа имаше укажувања и целата процедура си е објаснета законски како треба да биде направено и на кој начин треба да биде направено. Мислам дека министерот за економија навистина треба да ги разгледа сите опции кои му стојат согласно законските можности, што е она што можел да го направи, требал да го направи и денеска можеби треба да го направи“ – вели Царовска.

Бектеши потенцираше дека е недозволиво Царовска која се наоѓа на една од највисоките функции во Владата и треба да ги координира економските ресори да не поднесе официјално барање за решавање на проблемот со царинските стапки. Тој ја искритикува, откако Вицепремиерката претходно го посочи како одговорен за овој проблем.

„Ако мислите на автономни мерки, се носат со економска оправданост што ја дава министерството за економија, но дополнително и мислење што се однесува на фискалните импликации од страна на министерството за финансии, а тоа треба да го координира Вицепремиерката Царовска. До овој момент до кога зборуваме, Вицепремиерката Царовска не доставила барање до Министерството за економија. Можеби не е запознаена, се занимава сега со избори“ – рече вчера министерот за економија Крешник Бектеши.

И додека на вербалната војна меѓу претставниците на ДУИ и СДСМ во Владата не и се гледа крајот, од Царинската Управа не дадоа конкретен одговор дали барањето на странските инвеститори за намалување на царинските стапки се нашло на дневен ред и дали и кога ќе се реши.

„Царинската управа во рамки на делокруг на надлежност е извршен орган и ги спроведува законските одредби од различни закони, договори и конвенции во врска со увозот, извозот и транзитот на стоки. Царинската управа како орган во состав на Министерството за финансии е целосно посветена на олеснувањето на трговијата и поддршка на домашните и странските компании“ – велат од Царинската Управа.

Министерката за финансии Нина Ангеловска претходно се обиде да се оправда дека не им излегле во пресрет на инвеститорите, бидејќи барањето било доставено по завршување на вонредната состојба, па немале ингеренции да интервенираат навреме.

Инаку царинските стапки на 12 производи беа намалени за 50% до крајот на јуни, а сега се на старото ниво, односно се трипати повисоки од оние што важат во Европската Унија. Тоа им предизвикува огромни финансиски загуби на странските фабрики во зоните , чиј извоз во првите 5 месеци е помал за речиси 40%.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста