Продолжи „ТНТ“, Трајковски со влошена здравствена состојба сам дојде во судот

Тони Трајковски без покана и со влошена здравствена состојба денеска се појави во судот. Видно изнемоштен и со последици од претепувањето тој седна на обвинителната клупа за да се соочи со судијата Огнен Ставрев, кој пак се стави во улога и на лекар. На барањето за одложување од Трајковски, Ставрев возраќаше дека не му било ништо и дури и му порачуваше денеска да седи и да молчи. Сепак на крајот го прифати барањето на одбраната:

-Ова е од самото претепување на Тони, има последици по здравјето, има дијагноза од докторите што не би сакал да ја коментирам, не е благодарно. Меѓутоа препорачуваат мирување, дека не може да учествува на судења 15 дена, изјави Страшевски.

Иако нема никаква опасност од застарување на делото, а со барањето на Трајковски случајот ќе продолжи за брзо, обвинителот кој беше дел СЈО, Бурим Рустеми побара раздвојување на постапката, што беше одбиено од Судечкиот совет. Одбраната порача дека до такво нешто не може да дојде, бидејќи постои поврзаност во делото меѓу обвинетите. Рустеми пак отиде дотаму јавно да предупредува со можна смрт на обвинет.

-Не дај Боже може да почине. Не може да му се суди во истата постапка, затоа барам раздвојување, вели Рустеми.

Страшевски, вели нема премногу да трае ваквата здравствена состојба на Трајковски, со што нелогично било барањето на Рустеми.

-Самото Обвинителството обвинителниот акт што го има поднесено претставува еден синџир на поврзување од првиот до последниот Првиот го поттикнал вториот, вториот третиот, третиот тие надоле и тоа е еден синџир поврзан што не може да се раздвои постапката, законски не е дозволено, вели Страшевски.

По поднесувањето оставка на судијката поротник во „ТНТ“, Лилјана Ивановска Кочковска, случајот се врати од почеток. Адвокатите и обвинетите се уште не одлучиле дали ќе го прифатат барањето на Ставрев, судскиот процес за рушењето на „Космос“ на Фијат Цаноски да продолжи каде што застана, или пак ќе се започне повторно со изведување докази од почеток.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста