Продолжувањето на откупниот рок наместо да им ги реши маките на македонските тутунари, само им ја продолжи агонијата ?!

       Во Македонија нема ниту соодветна аграрна политика, а уште помалку стратегија за развој на македонското земјоделие. Во Македонија, ниту една земјодлеска гранка не е без длабоки проблеми, токму од тие причини. Ова, особено дојде до израз со годинашниот откуп на тутунот, обвинуваат македонските тутунопроизводители кои се уште мака мачат да го предадат тутунот од ланската реколта, а кој, како што велат самите, и покрај квалитетот, сега им се откупувал дури и за едно евро по килограм, што било еднакво на грабеж.

 „И беше за очекување ваква проценка, затоа што човек требаше да е навистина наивен за да верува дека она што цела зима не се случи – реална проценка, ќе се случи сега кога фактички можат да го земат тутунот и без пари.“ – вели долгогодишниот тутунопроизводител, ВАСКО ЈОСИФОВСКИ.

   Од друга страна, на прагот од новата производствена реколта, македонските тутунари, велат дека се исправени пред нов, уште потежок предизвик, а тоа е условувањето од страна на откупувачите за потпишување на договори за значително намалени приноси, услов кој дополнително ги паничи.

  „За да се намали тутунопроизводството треба да се реализираат неколку аграрни реформи. Кај нас од аграрна реформа нема ниту „а“. Многу е лесно да се каже – преорентирајте се, но ние имаме површини на кои освен тутун, друго не успева…Многу е лесно да се каже дека трендот на производство на тутун во  светот се намалува, па треба и кај нас. Доколку се намалува, тогаш зошто останува увозот…?!“, – прашува Јософовски.

  „Владата треба да донесе паметна одлука, ако има намера нешто да реши во овој сектор, да изврши обуки и трансформација во нивна, да речам организација, а не на штета наша, и тоа да го субвенционира оној период што треба ние да го пребродиме во трансформацијата и да биде на товар на државата, а не ние да лутаме со незнаење и со згрешавање на некои култури, па повторно да трпиме штети“, – објаснува ИГОР МИРЧЕСКИ, координаторо на новоформираните тутунски здруженија.

   Во исто време, продолжуваат да растат и притосоците врз одредени тутунопроизводители, особено врз организаторите на протестите. Се жалат дека имало бришење на луѓе од списоците или реваншистичко кратење на количините за годинашната реколта.

  „Сите оние кои што правеле некој пркос кон ниските цени, кон откупувачите, кои што повикувале Второстепена комисија, се санкционирани со намалување или со несклучување на договорите…и веќе и нас ни е најавено дека нас договори нема да ни се склучуваат што значи еден притисок се врши за во иднина дека секој оној што ќе го крене гласот против државата дека треба да молчи…“, посочува Игор Мирчески.

    Инаку, според најавите, годинашното производство на тутун треба да тежи 21 милиони килограми, што е за дури 6 милиони килограми помалку од лани.                                    

 Каролина Дурло    

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста