Продолжуваат протестите на косовските Срби против таксите на увозот од Србија

Граѓаните од српска националност во северно Косово одржуваат денеска нов протест против одлуката на Владата на Рамуш Харадинај за воведување такси од 100 отсто на увозот на производи од Србија и Босна и Херцеговина.

На денешниот протест, како што информира Игор Симиќ, портпарол на најголемата партија на косовските Срби, Српската листа, ќе се приклучат и кошаркарите на белградски Партизан, кои денеска треба да одиграат пријателски меч со локалниот клуб Трепча.

Од воведувањето на таксите, на 21 ноември, во северниот дел на Косово се одржаа неколку протестни собири, градоначалниците на четири општини со мнозинско српско население поденсоа оставки, а локалните институции ја прекинаа комуникацијата со централните власти во Приштина.