Продолжуваат нападите од Бугарија кон Македонија- власта молчи, странци ни ја бранат државата!

Додека македонските власти молчат на бугарската канонада, која ни се случува последниот период, Македонија ја бранат странци. Последен пример е Германецот Гералд Кнаус, познат политички научник и директор на Европската иницијатива за стабилност. Тој обвинува дека она што го прави Бугарија е недозволиво и контра политиките на Европската унија.

-Замислете Германија да инсистира на тоа Австрија да признае дека има германски корени, заканувајќи се со тензии ако не е така. Шведска да и го прави тоа на Норвешка. Чешка да и го вели тоа на Словачка. Апсурдно? Да. Тоа е она што го прави Бугарија, уривајќи го кредибилитетот на политиките на ЕУ за Балканот, порачува Кнаус.

Бугарија многу пати повтори дека Македонија ќе добие вето доколку не ги прифати уцените од нивна страна, односно откажување од историјата, јазикот и идентитетот. Овој став уште еднаш го повтори бугарскиот министер за одбрана, Красимир Каракачанов, велејќи дека никој кај нив нема да направи отстапки и да не ги почитува одлуките на Собранието.

-До овој момент идеи за отстапки на бугарската Влада нема, бидејќи тоа би било национално предавство. Никој нема да преземе таква историска тежина да биде нарекуван нешто слично како Георги Димитров, односно национален предавник, од следните бугарски поколенија. Скопје еднаш засекогаш треба да признае дека историјата до 1944 година е заедничка бугарска историја, дека имаме заеднички национални херои, порачува Каракачанов.

Ваквиот став на Бугарија уште еднаш го потврди и тамошната министерка за надворешни работи Екатерина Захариева. Таа во интервју за „Ројтерс“ вели дека Софија го губи трпението поради одбивањето на Македонија да го имплементира договорот за пријателство кој двете земји го потпишаа во 2017 година. Според Захариева Македонија ќе мора да признае дека македонскиот јазик и идентитет имаат бугарски корени.

-Нашите грижи потекнуваат од бескрајните тврдења за македонско малцинство во Бугарија. Признавањето на бугарските корени ќе му стави крај на тоа.

Не спориме со нивното право на самоопределување, ниту со правото да си го нарекуваат јазикот како сакаат. подготвени сме уште еднаш да ги потврдиме актуелните реалности, но тие мора да ја прифатат историска вистина, вели Захариева.

Бриселскиот весник „Политико“, веќе објави дека Софија е подготвена да не ја блокира првата меѓувладина конференција на Македонија. Но, за такво нешто услов е да се постигне компромис во кој Бугарија ќе го признае македонскиот идентитет и јазик како еден од официјалните јазици, а Македонија за возврат дека тие имаат бугарски темели. Претходно Софија до земјите членки на Европската Унија достави меморандум во кој го оспорува постоењето на македонскиот јазик и нација до 1945 година.

Матеја Петровски