Продолжуваат мерките за надворешна употреба на новото име

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш го поздрави стапувањето во сила на Преспанскиот Договор – се продолжува со мерките за надворешна употреба на новото име.

По испраќањето на заедничкото писмо до генералниот секретар на ОН со кое Атина и Скопје информираат дека престанува важноста на Привремената спогодба од 1995 година и влегува во сила Конечната Спогодба од Преспа, портпаролот на Гутереш, Стефан Дујариќ потврди дека писмото е пристигнато.

Првиот човек на ОН изразил благодарност до медијаторот Нимиц, премиерите Заев и Ципрас и ги повикал земјите-членки, регионалните организации и сите меѓународни партнери да ги поддржат историските чекори и новото име.

Во моментот земјата со старото име Република Македонија е признаена од 130 земји, од вкупно 190 членки на ОН. Привремениот компромис кој беше направен во 1993 година под покровителство на ОН, беше Македонија да биде примена во меѓународните организации со името БЈРМ – Бивша Југословенска Република Македонија. Оттогаш преговорите меѓу двете земји поминуваа низ различни фази, без отворено покажување на преговарачките позиции. Се до 17 јуни 2018 година кога се потпиша Конечната Спогодба во Нивици.

Во меѓувреме ЕК веќе се подготвува за неколку денови да започне со користење на новото име Република Северна Македонија. Се уште не е разјаснето дали ќе се користи веднаш по информирањето, ќе се чека одлуката на Колеџот на Комесари или Советот за надворешни работи на ЕУ закажан за 18 февруари. Таму би можела биде усвоена употребата на името Северна Македонија.