Продолжува урбаниот хаос во Кисела вода, висококатница ќе „никне“ на несоодветно место, граѓаните револтирани
Жители на Кисела Вода револтирани од работата на инвеститорот кој гради зграда на улицата „Невена Ѓоргиева Дуња за која велат дека е надвор од сите стандарди. Во паника предупредуваат дека тоа што се случува може да ја загрози нивната безбедност. Седумкатницата која ќе никне на оваа улица уште толку ќе им го попречи и така лошиот видик, но тоа не е нивниот најголем проблем. Велат фали само малку дожд да предизвика одрон на земјиштето на кое е поставена трафостаницата на соседната зграда, која буквално „виси“ над осум метарската дупка за новите темели.
Половина од улицата која ќе поминува покрај новата зграда е узурпирана, сообраќајот е речиси блокиран, а ископан е и паркингот на соседната зграда. Жителите се сомневаат дека позадината на ова се политички игри.
„На овие сопственици, на дел од плацот каде што се гради зградата, снаата е правник во Урбанизам во Општина Кисела вода, синот е советник во Општината. Епа која инспекција ќе дојде? Кадија те тужи кадија те суди“ -вели Ристо Соколовски.
Граѓаните апелираат надлежните да го обезбедат просторот за градба. Го повикаа и началникот на одделот за урбанизам во Општина Кисела вода да излезе на терен и да направи контрола на кој начин се гради она за кое издал дозвола.
За овие проблеми се обративме до Општина Кисела вода и очекуваме одговор.
Адријана Алексиеска