Продолжува штрајкот во основните и средните училишта, градинките ги отворија вратите за најмалите

Нема договор за штрајкот во образованието. СОНК и Владата и натаму се на различна фрекфенција околу начинот за решавање на проблемите и барањата за зголемување на платите. Наставата останува блокирана, а најдебелиот крај од целата работа ќе го извклечат учениците, кои ни криви, ни должни – седат дома.

Градинките ги отворија вратите за децата, но основните и средните училишта останаа празни. По две и пол недели штрајкот за најмалите е ставен во мирување и сите деца се згрижени соодветно. Во училиштата, пак, ништо не е променето. Наставници има, но клупите и натаму празни. Од СОНК обвинија за дополнителни притисоци врз директорите по одлуката за понудените 12% зголемување на платите.

  • Најголемиот дел од овие што се изјаснија за прекинување на штрајкот, се синдикалните организации од детската заштита, а без исклучок, огромниот број кои беа за продолжување на штрајкот се колегите кои се вработени во основното и средното образование. Советот на СОНК, со оглед на сумираните резултати, донесе одлука дека штрајкот во основното и средното образование продолжува и во текот на утрешниот ден се до наоѓање на заедничко прифатливо решение помеѓу Синдикатот и Владата, велат од СОНК.

Дел од средношколците велат дека ги разбираат професорите, но сметаат дека до постигнување договор мора час поскоро да се дојде до решение, за сиот товар да не падне врз грбот учениците.

По одлуката на СОНК, да продолжи штрајкот, министерот за образование Јетон Шаќир, ги повика наставниците да се вратат на работа и да држат настава. Министерот денеска не беше достапен за коментар.

  • Министерството за образование и наука цени дека премногу настава е изгубена досега и тоа мора да престане. Доволно голем е јазот во знаењето кој го создаде овој штрајк со целосно блокирање на работата на училиштата и тој повеќе не смее да се продлабочува, потенцираше Шаќири.

Последната одлука на СОНК да продолжи штрајкот на наставниците во основните и во средните училишта, кој трае веќе 11 дена, почна да револтира поголем дел од веќе загрижените родителите, кои се прашуваат како ќе ја надоместат учениците изгубената настава. Дали ќе се случи тоа преку скратена наставна програма, како што најавуваше СОНК или со продолжување на учебната година, останува нејасно, како што не е извесно и кога ќе продолжи наставата во училиштата.

Претходно, првиот човек на СОНК, Јаким Неделков, рече дека членството не го прифатило предлогот за зголемување на платите од 12%, и затоа во знак на незадоволство од преговорите, ќе организираат масовен протест пред Владата в среда на 4 мај. Кога ќе има нова средба меѓу Владата и СОНК, барем за сега не се знае.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста