Продолжува неизвесноста околу откупот на грозјето и откупните цени, лозарите се закануваат со протести

          Се пролонгира агонијата на тиквешките лозари. По вчерашниот состанок со градоначалникот и двајцата пратеници од Кавадараци, лозарите се децидни во ставот дека доколку до утре Владата не одговори на нивните барања за конечно оформирање на откупните цени, согласно квалитетот на грозјето, тие ќе излезат на протест пред Владата.

    „Ветената цена од министерот Хоџа од 13 денари за “вранецот“ и 11 денари за „смедеревката“, шеќерност за „смедервката“ од 16-17 и на „вранецот“ од 18 до 19….и до вторник, фактички до утре да ни дадат одговор. А од горе, од кај министерот кажаа дека состанок ќе имале во среда со винариите, со Владата…но тоа сепак не е добро затоа што и ланската година така ја растурија цената, од 13 за „вранецот“ го направија на 11, а во „Тиквеш“ откупуваа грозје по 6 и 7 денари и државата ништо не презеде за тоа грозје од 6 и 7 денари што беше да го обесштети или државата, или „Тиквеш“, или да ги казни Инспекторатот…Од утре, доколку не се стави некој ред во откупните цени, тогаш ќе се договориме со лозарите…да видиме, па ќе излеземе ако треба и пред Влада“, – вели Дано Јошев, претседател на Регионалното здружение „Тиквешки лозаро-овоштари“ од Кавадарци.

    Лозарите велат дека годинашниот род е со ретко добар квалитет каков што немало 40 години. Ако лани 20-30 проценти од грозјето било скапано, годинава технолошката зрелост на родот достигнувала од 16 до 23 малигани, во зависност од сортата на грзојето и според нив, реалната откупна цена би требало да биде 16 денари за „смедеревката“ и 18 денари за „вранецот“ .

   „Тие пунктови договараат цена уште пред еден ден, два, но таа цена е по оваа ниската цена, 11 денари „вранец“ на почек, 10 денари за во готово, и „смедеревката“ 9 денари со 8…“, – обајаснува Јошев.

    Поради ваквите состојби со недефинираните цени, нешто што требало да се реши многу пред почетокот на откупот и со што се остава можност секој откупувач да откупува грозје по цени според слободно наоѓање, а на штета на производителите, тиквешките лозари во саботата, револтирани го кренаа својот глас и демонстративно го истураа родот пред винаријата „Тиквеш“, насилно влегувајќи дури и во кругот од Винаријата.

   Инаку, според проценките, вкупниот годинашен род од грозје тежи околу 70 милиони килограми, што според лозарите, во однос на лани бил за околу 20 милиони помалку, а тоа се должело најмногу на апсолутната негрижа на државата и за оваа гранка.

Каролина Дурло