Продолжи собранискиот театар, пратеници од мнозинството заразени со ковид, гласаа во скафандери

Заразени со ковид,во скафандери и заштитна опрема двајца пратеници од мнозинството влегоа во собранието и во посебни кабини гласаа за точките на дневниот ред.Бисера Костадиновска-Стојчевска од СДСМ која на Фејсбук има поставено слика со порака Седи Дома заштити се со амбулантно возило беше донесена во законодавниот дом. Дури и на социјалните мрежи пред седницата се пофали дека се упатила кон собранието. Мирослав Богдановски од ДОМ пристигна и замина со сопствен автомобил. На гласање пристигна и Снежана Калевска-Ванчева од СДСМ која денеска излезе од изолација.

Наспроти стравувањата на опозицијата дека се доведува во опасност животот на останатите пратеници и собраниските служби власта одлучи дека и овие двајца народни избраници треба да бидат во парламентот. Иако нивните гласови не играа улога за изгласувањето на петтиот пакет мерки бидејќи пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата гласаа за нив.

ВМРО-ДПМНЕ обвинува за театар. Го обвинуваат претседателот Талат Џафери за кршење на Уставот, законите и протоколи.

“Го кршите уставот, кривичниот законик. Комисијата за заразни болести ја поливате со фекалии. Како ќе ги убедиме граѓаните дека има пандемија и како да ги заштитиме граѓаните кога вие сте првите тука кога не ги почитувате мерките”, рече Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Џафери пак возвраќа дека протоколите биле испочитувани. Се повикува на правилник изгласан на претседателство на собранието и протокол од јули минатата година според кој пратениците можат да гласаат од кабините во салата.

“Нема да подлегнам под било каков притисок, и под било каква закана се додека раотам според прописите на оваа институција”, рече претседателот на собранието Талат Џафери.

Од собранието нема официјално образложение, но посочуваат на протоколот од 30 јули 2020 според кој пратениците кои се во самоизолација можат да гласаат од една од кабините во собраниската сала. Наспроти мерките за изолација и напуштање на домот за здравствени потреби за сите останати граѓани.

Алијанса и Алтернатива истакнуваат дека носењето на пратениците о скафандери било непотребно бидејќи тие најавиле дека ќе ги поддржат точките од 32 седница, пред да се гласа финансиската помош за стопанството и граѓаните.

“Сведоци сме на театар со цел да се направи медиумско шоу”, рече Илми Азири од алијанса за Албанците.

Поддршката на ВМРО-ДПМНЕ за петтиот пакет мерки не беше доведена во прашање од СДСМ велат дека опозицијата направила непромислен потег.

“Нема да дозволиме уцени. Нашата должност како пратеници е да служиме на народот и во добро и во лошо”, изјави Јован Митревски од СДСМ.

Петтиот пакет мерки беа изгласани со 115 гласа за. Од нив помош чекаат граѓаните и компаниите погодени од ковид кризата. Вработените ќе ги добијат нивните плати за март и април. Помошта изнесува 160 милиони евра.

Градимир Марковски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста