Продолжение на аферата „Мафија“: Македонски пасош и за еден од главните соработници на италијанската мафија

Македонски пасош има и еден од главните соработници и перачи на пари во трговијата со кокаин на италијанската мафија Валид Иса Хмаис. И тој добил лажен идентитет под името Вурмо Таќо од Корча. Ова е ново име кое опозицијата го открива како дел од аферата „Мафија“. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, вели, мафијата си добила своја држава, а овој скандал покажувал дека Владата на Заев, им давала логистичка поддршка на сериозни нарко картели и балкански, европски но и светски мафијаши, со македонски пасош да избегаат од правдата. 

-Валид Иса Хмаис кој важи за главниот перач на пари од трговијата со кокаин на италијанската нарко мафија на 09.01.2019 година во Скопје во регуларна постапка се сликал во управните служби на МВР, а потоа и го подигнал македонскиот пасош со украден идентитет на Македонец од Корча, Вурмо Таќо роден 1965-тата година, изјави Мисајловски.

Според Мисјаловски повеќе нема никаква дилема, мафијата и државата во моментов во Македонија се едно исто.

-Валид од 2017-та година е во бегство во повеќе држави во светот, а по добивање на македонскиот пасош на име Таќо Вурмо, два пати во месец јануари 2019-та година го искористил македонскиот пасош и преку аеродром Петровец заминал за Турција. Според последните информации објавени во италијанските медиуми наводно се наоѓа на островската држава Маврвициус. Македонија станала Колумбија на Балканот, изјави Мисајловски.

Мисајловски прашува и зошто нема никаква потерница по лицата кои добиле легален македонски пасош со лажен идентитет, како и зошто МВР не покренува истрага дали отворале банкарски сметки. Вели оваа афера не смее да заврши само со одговорност на службеници, бидејќи за „Мафија“ морале да знаат и најодговорните лица во МВР и Владата.

Инаку, ова е петто име поврзано со сериозен криминал за кое опозицијата објавува дека добило македонски пасош со туѓо име. Претходно објавени беа турскиот нарко бос Седат Пекер, Јован Вукотиќ од Шкаљарскиот клан од Котор, албанскиот нарко бос Флоријан Мусаи и српскиот криминалец Стефан Ѓукиќ, кој во Украина бил уапсен поради обид за убиство.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста