Продлабочување на политичката криза по извесната блокада од Бугарија – предвремените избори се прашање на време?

Ќе следи ли ново продлабочување на политичката криза по новиот црвен картон од Бугарија? Надминувањето на спорот кое се продаваше како успешна приказна за македонските интеграции и услов за зајакнување на парламентарното мнозинство – повторно остана само ветување. Откако официјална Софија уште еднаш ги потврди нивните цврсти ставови дека нема да попуштат во нивните барања кон Македонија, се наметнува прашањето дали во вакви услови треба да има нови предвремени избори за излез од кризата?

ВМРО ДПМНЕ по исходот од локалните избори интензивно бара предвремени избори за како што алармираат да запре кризата која подолго време владее во Македонија. Потпретседателот на партија Александар Николовски во изјава за Алфа вели дека вината е во власта. Според него проблемот е во високиот процент на корупција а не само во Бугарија. Излезот од оваа криза според него е во нова влада и нови избори.

-Не е проблемот само Бугарија, но исто или поголем проблем е Зоран Заев и сето тоа што тој го носи со себе како багаж и имиџ. А сеа граѓаните велат ајде да почнат преговори затоа што се е катастрофа и се надеваат дека ќе се средат работите со преговори. Но со оваа влада нема да се променат работите со преговори, напротив ќе се влошат и затоа е потребна нова влада која прво ќе ги менува работите дома за потоа ќе ги презентира, вели Николовски.

Дека единствената опција за решавање на проблемите се брзи предвремени избори смета и првиот човек на опозицијата Христијан Мицкоски, кој на средба со францускиот амбасадор во земјава му ја посочил токму оваа опција, поради како што потенцирал актуелната влада нема капацитет да се носи со предизвиците со кои се соочуваат граѓаните.

СДСМ пак категорично одбива ново изборно соочување. Првиот човек на Владата Зоран Заев одбива да разговара за избори. Образложението е дека нови избори нема да донесат ништо добро за државата, потребен бил стабилен период за излегување од кризата.

– Вонредни избори единствено би ја втуранале земјата во нова политичка, економска и општествена неизвесност, но и ризик одново да се закочат европските интеграции. Доста беа кризи и неизвесности. На нашата татковина и треба мирен и стабилен период, рече Заев.

А вината за неуспешните интеграции и негативниот извештај на Европската Комисија за напредокот на земјата и Левица и го препишува на актуелната власт. Во соопштение до јавноста велат дека основната цел на борбата на СДСМ да остане на власт е да ги заштити своите коруптивни зделки, а не европската иднина на државата.

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста