Процедурата за нова влада се враќа од почеток, изборот до 17-ти јануари е можен ако се оди како „подмачкано“

Средината на јануари, поточно 17 е датумот што како рок си го поставија СДСМ и останатите коалициски партнери за избор на новата влада на чело со Димитар Ковачевски. Достигнување на оваа цел е возможна само доколку при изборот на новата влада се оди како подмачкано, односно новото парламентарно мнозинство не се соочи со непредвидливи проблеми. Тоа е така затоа што откако Собранието утре ќе ја констатира оставката на Заев,целата процедура се враќа од почеток, односно како при избор на влада после избори. 

Според член 90 од Уставот, Пендаровски е должен во рок од десет дена мандатот за состав на нова влада да го довери на партијата односно коалицијата со мнозинство во парламентот, а оној кој ќе го добие мандатот, во случајов тоа е Ковачевски има рок од 20 дена на Собранието да му поднесе програма и да го предложи составот на министри. Според деловникот, седницата се одржува во рок од 15 дена од денот на приемот на предлогот од мандатарот. Но сето ова не значи дека роковите можат да се скратат за да се забрза процедурата.

Експертите сметаат дека проблемот не е процедурата, туку колку кредибилитет би имала влада предводена од Ковачевски и дали подобро решение би било да се одржат предвремени парламентарни избори за излез од оваа политичка криза? Аналитичарот Владимир Божиновски за Алфа вели дека можни се нови превривања и нестабилност во колацијата на СДСМ, ДУИ, ДПА, Алтернатива и другите помали партии, особено по поразот на СДСМ на локалните избори, но и заради недобивањете на датум за почеток на преговорите со ЕУ што според Божиновски било едно од најсилните ветувања на власта, кои не се исполнија. Проблем за стабилна влада може да биде и новиот мандатар кој според аналитичарот до пред две недели беше непознат за јавноста, особено како ќе го наменте својот авторитет врз новите министри на СДСМ, но и оние на ДУИ.

Од сето горенаведено може да се претпостави дека функционалноста на новата влада ќе биде доведена во прашање уште во старт и заедно со недостатокот од некоја стабилна визија и изградена проекција за нејзиното идно управување со државата, новата влада едноставно само ќе се бори да го преживее следниот ден или колоквијално кажано ќе владее според народната “купи ден помини.” Во вакво опкружување и под овие околности власта ќе има сериозен проблем да ја докаже потребата од нејзино идно опстојување пред граѓаните и ќе се соочи со континуирано намалување на ионака слабиот рејтинг кој го има СДСМ особено по последните локални избори, но со намалување на популарноста ќе се соочат и останатите партнери од власта- вели Владимир Божиновски – аналитичар.

Божиновски вели дека , особено во случај доколку не го добиеме толку најавуваниот датум за преговори во следните неколку месеци, сите причини за постоење на владата во овој формат ќе бидат исцрпени и опцијата за предвремени избори ќе се наметне како неопходност, без разлика дали тоа ќе биде Јуни или Октомври следната година.

Мери Ѓорѓиевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста