Проблемот со термините за тестирање останува

„Здравствениот систем веќе одамна е колабиран, не можеш да се тестираш дури и ако имаш симптоми на корона вирусот“ – вака го започнува сведоштвотo 43 годишниот Горан Коцевски позитивен на Ковид 19, кој објаснува низ што се поминува откако ги добил првите симптоми. Се плаши и за себе си, но и за своето семејство, особено за синот со аутизам.

Коцевски  почитувајќи ги протоколите прво се јавил кај матичниот лекар, да закаже  тестирање. Му било кажано дека ќе мора да чека со денови, зошто слободен термин нема. Па бил приморан да се тестира приватно. Добил позитивни резултати, а досега никој не се јавил да му направи епидемиолошка анкета.

„Ми рекоа дека морам да седам 14 дена во изолација, но немам контакт со Центарот за јавно здравје, никој не ме праша со кого сум имал контакт, а на моја иницијатива ми препишаа лекарства, претходно само ми кажаа да седам дома без лекарства. Дишењето ми е влошено, немам осет за мирис и вкус, но никаков контакт со Центарот за јавно здравје“ – објаснува Горан Коцевски.

Коцевски кој живее во шест члено семејство, загрижен е за своите најблиски. Појаснува дека неговото дете со аутизам за да се врати во училиште, мора да биде тестирано, како што налагаат протоколите училиштето. Но повторно ќе мора да се плати приватно, оти термини за тестирање нема ниту за оние со симптоми ниту за оние кои биле во контакт со позитивни  на вирусот.

„Здравството е комплетно во колапс, ако викаат дека не е. Иако се јавив да кажам дека имам симптоми, морав приватно да се тестирам, а на мојата фамилија исто така не и дозволија да се тестира на државно, дека нема термини“ – додава Коцевски.

Граѓаните секојдневно се жалат дека термини за тестирање нема. Долгото чекање ги принудува да се тестираат приватно, иако секој не може да си го дозволи тоа, зошто најевтиниот тест чини 1850 денари во Институтот за јавно здравје или од 3000 денари па нагоре во приватните лаборатории. Од вчера почна и закажувањето за брзи тестови кои детектираат корона вирус. Еден ваков тест чини 1000 денари. Нема потреба од консултација со матичен лекар, но термините и за брзо тестирање се пополнети до 10 ноември.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста