Проблемот бил кај „Фајзер“: Заев не чувствува одговорност, Битиќи вели спасот нема да е вакцината
Премиерот Зоран Заев не чувствува одговорност за дебаклот со вакцините кој Македонија го доживеа. Откако поради проблеми со документацијата, беше откажано примопредавањето на вакцините, кои треба да ни ги даде Србија, Заев не гледа причина за негова или оставка на други владини функционери.
-(Се чувствувате ли вие одговорен?) Секако не, гледате дека и во земјите каде што е тргната вакцинацијата е проблем, немаат доволно количини. Прво земјите партнери од НАТО и од ЕУ прават се да ни помогнат, и сакам да го потврдам тоа, во знак на благодарност, иако нема успех досега, определија 70 милиони евра авансно да платат за вредност од седум милиони евра да стигне брзо во Западен Балкан, изјави Заев.
По се изгледа за премиерот виновни се сите освен Заев. Сега проблемот не бил кај Владата, туку во компанијата Фајзер.
-Значи прво се работи за подготовка на техничката документација од Фајзер према Србија за реекспорт или за реплаќање или донација од Србија. Целта е да стигнат прво овие 4.000 вакцини, па после другите 4.000, тука се работи на документацијата, изјави Заев.
Додека власта се правда, за опозицијата се ова претставува голем срам. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски,побара одговорност и оставки во Владата.
-Ова е брука и голем срам кој што ни се случува. Не само што сме последни, веќе почнаа мајтап со нас да си играат сите. Наместо да седнат и да ги потпишат нивните оставки, тие уште ги гледам се обидуваат да наоѓаат оправдувања, преку некои ступидни соопштенија кои што ги лиферуваат во јавноста, недостасувале документи, недостасува памет, изјави Мицкоски.
По доживеаниот неуспех, власта сега и релативизира. Според вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, спасот немало да биде во вакцините, туку во луѓето.
-Секако процесот на вакцинација ќе ни даде простор на сите можеби полесно да дишеме, но спасот нема да е во вакцината, спасот е во нашата дисциплина и начинот како ќе се однесуваме наредниот период против овој непознат непријател, изјави Битиќи.
Македонија во моментов е една од малкуте европски земји кои се уште не добиле ниту една вакцина против ковид 19, иако власта веќе со месеци се фали дека сме биле најподготвени за прием, чување и употреба на вакцините. Освен најави за набавки, конкретен датум кога тие ќе стигнат во земјава нема. Заев сега вели да сме почекале да помине кинеската нова година, на 18-ти февруари, па ќе почнел процесот за транспорт на кинеските вакцини.
Матеја Петровски