Проблемите станале поголеми, заканите продолжуваат- младата полицајка ја продолжува својата исповед

Не можам веќе да издржам да бидам тортурирана и понижувана само затоа што не прифаќам неморални чинови.

Вака со солзи во очите пред една недела пред камерата на Алфа ја започна својата исповед млада полицајка од Велес, се пожали жртва била на мобинг, со надеж дека состојбата ќе се подобри. Но, наместо тоа, ситуацијата продолжила да се влошува, ја продолжува својата исповед полициската службеничка.

-Малтретирањето продолжи, јас како полициски службеник после се што ми се случува имам чувство како да сум на дното, бидејќи наместо да престанат проблемите после моето јавно упатено барање за помош од институциите, спротивно на тоа мојот раководител се уште продолжи да ме малтретира.

Таа се жали дека нејзиниот раководител ја злоупотребува својата функција, на полициските службеници дури се обидел да им ги одземе и телефоните, им порачал дека може кога сака да ги контролира, во секакво издание.

-Се обиде да ни ги одземе мобилните телефони, кажувајќи ни доколку не сретне на реон со телефон ќе не прати истиот на дисциплинска постапка. Истиот ни кажа дека може да ни прави контроли во текот на смената и 100 и 200, дека може да дојде во пижами на контрола, дека може да дојде во купачи, во влечки, гол. Како сакал, тоа било негово право, некој тоа му го дозволил и тој одговарал само пред надлежниот раководител што го поставил него на функција.

Според зборовите на младата полицајка, раководителот од позиција на моќ се заканил со дисциплински постапки за наредно пријавување на непрофесионално однесување.

-Станува се повеќе неиздржливо и застрашувачки поради тоа што може да прави што сака и изречито ни се заканува со дисциплински постапки доколку слушнел некое наредно пријавување на непрофесионално однесување.

Ова не е прв случај на мобинг врз женските припадници на полицијата. Претходно како што објави Алфа, полициски службеник од станицата во скопска Автокоманда во повеќе наврати сексуално малтретирал полициски службенички од позиција на моќ и надреденост, се вели во документите до кои дојде нашата телевизија од полициски извори.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста