Проблеми со преводот- македонскиот идентитет променет поради техничка грешка

Цврст на својот став. Македонскиот министер за економија, Крешник Бектеши, правдајќи ја одлуката да не замине во Молдавија, вели без Косово немало потреба ниту да се одржи Форумот за енергетика. Бура реакции во јавноста предизвика одлуката на Бектеши да го откаже учеството на форумот. Се отворија прашањата чии интереси тој застапува, дали на Македонија од чиј буџет добива плата, или оние косовските. Министерот вели најважни биле придобивките за македонските граѓани, но дека без Косово се отворало прашањето и зошто воопшто постои енергетската заедница.

-Ова е принципиелно и јас би сакал и оваа прилика да ја искористам, уште еднаш да ги повикам сите членки да седнеме на маса. Ако и наредната година тоа се случи, значи да не учествуваат на вакви важни состаноци, членки со кои е составена енергетската заедница секако дека треба да се ревидира и зошто постои енергетската заедница, изјави Бектеши.

Она што остана забележано во писмото покрај одлуката на Бектеши да ги стави интересите на туѓа државата над македонските, е и северномакедонски. Министерот вели идентитетот бил жртва на техничка грешка, односно превод.

-Тоа е само техничка грешка, не е ништо намерно. Ние ги знаеме сите договори кои ги имаме со нашите соседи, таму е предвидено да биде македонски, но при преводот на англиски јазик направена е грешка, тоа е човечка грешка, нема ништо тука намерно, изјави Бектеши.

Министерот за економија не се консултирал со премиерот пред да ја донесе оваа одлука, вели се уште не разговарал со Заев, за да знае дали има поддршка. Инаку ова не е прв пат, функционери на ДУИ да ги стават интересите на Косово над македонските. Претходно и вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, не присуствуваше на конференција во Босна и Херцеговина, бидејќи таму не беше повикана Косово.

Матеја Петровски

Advertisements