Проблем со модуларната болница веднаш по техничкиот прием, прво немаше дозвола, а потоа некој ги исече цеквите за довод на кислород на пациентите

Инфраструктурни грешки, пропусти во изградбата, пресечени цевки за довод на кислород – на трагедијата која синоќа се случи во Тетово и претходea низа проблеми. Пожарот во модуларната ковид болница зема 14 жртви и додека пет обвинители – тројца од Тетово и двајца од Скопје ги истражуваат причините за случајот, се отвораат многу сомнежи – посебно ако се суди по нештата  кои се случуваа во Ковид центарот во последниот период.

Модуларната болница,иако беше изградена меѓу првите, уште во јануари, не беше отворена до втората половина од април. На денот на отворањето на модуларната болница, економскиот директор на Клиничката болница Тетово, Артан Етеми информираше дека биле утврдени грешки при изградбата. Етеми  побара од фирмата изведувач да ги отстрани пропустите, и покрај тоа што фирмата изведувач претходниот ден го предаде објектот на Министерството за здравство и тетовската клиничка болница. Додека се нижеа ковид случаи во Тетово, а одделенијата во клиничката болница преполни со пациенти, јавноста се надеваше дека отворањето на модуларната болница ќе ја олесни работата на здравствените работници – надлежните тогаш смируваа дека грешките биле мали, и се очекуваше да се санираат во рок од пет дена.

Проблемите не застанаа тука – 23 август во клиничката болница имаше оштетување на системот за централен довод на кислород низ објектите. За среќа, тогаш немаше последици по пациентите. Оштетени беа две споредни цевки кои носат кислород од централниот систем до првиот објект, односно ургентно-дијагностичкиот центар.

Изгледа имавме среќа сите 125 пациенти што ги имавме ги спасивме, бидејќи да имаше оштетување на главната цевка тоа ќе беше катастрофа и не би сакал да предвидам што би можело да се случи и што би можеле ние да направиме во тие моменти“, изјави д-р Гзим Нуредини, координатор во Ковид центарот на Клиничката болница.

Од тетовската полиција тогаш информираа дека со употреба на физичка сила биле оштетени две бакарни цевки со различна големина, односно капацитет. Едната цевка за компримиран воздух била скината, а втората  за азотен оксидол била свиткана“. После една недела, полицијата уапси 42-годишно лице од селото Желино како осомничен за оштетување на цевките во болницата, но јавноста не дозна детали за мотивот на осомничениот.

Сепак, форензичарите и обвинителите се очекува да истражат, дали овие случаи имаат некаква поврзаност со трагедијата

Инаку, тендерот за изградба на 17 модуларни болници во земјава, меѓу нив и тетовската, минатата година ги доби велешката фирма „Брако“ заедно со валандовската „Ари и Том“. Преку заем од Светската банка, државата за таа намена им исплати 3,6 милиони евра.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста