Пробиена „планината“ на Русковска: Пронајдено малку дрога, наркобосовите во бегство, уапсени само продавачите

Препродавачите уапсени, наркобосовите на слобода барем засега. Фатени само смешни меѓу 600 и 700 грама кокаин и пет килограми марихуана. Шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал, Вилма Русковска, откри детали за акцијата „Планина“, за нелегална трговија со дрога. Се пожали дека акцијата им била пробиена, па главните наркобосови се во бегство, а најголемиот дел од дрогата e ставен на безбедно за дилерите, далеку од рацете на органите.

-За жал како што кажав фатени се само продавачите, но Обвинителството располага со доволно докази и за наркобосовите и јас се надевам дека во брзо време истите ќе бидат фатени и изведени пред лицето на правдата, изјави Русковска.

Акцијата на Обвинителството за која биле користени и посебни истражни мерки траела цела година, за сепак на крајот да се пронајде толку мала количина. Најголемиот дел од дрогата бил пронајден во Гази Баба, а помал во Грчец. Бидејќи осомничените биле прислушувани и следени физички, истражителите знаеле дека голема количина на дрога нема да најдат.

-Што се однесува на пронајдената наркотична дрога, не можам точно да ви кажам, ќе ви кажам околу, затоа што се уште не се изготвени вештачењата, каде што ќе се знае точната количина според вештачења. Пронајдена е околу пет килограми марихуана и некаде помеѓу шестотини и седумстотини грама кокаин, изјави Русковска.

Останува отворено прашање кој им дошепнал на наркобосовите за оваа акција на Обвинителството и полицијата. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ прстот го вперува кон министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, објавувајќи фотографија на која од партијата тврдат дека тој седи со наркобосовите, велејќи дека тоа е одговорот кој и зошто ги пуштил. Опозицијата објави и фотографија на која се гледа Јани Макрадули и лице за кое тврдат дека е поврзано со овој случај.

-Спасовски треба да одговара затоа што е пробиена акцијата и што им е овозможено бегство на нарко – босовите. Во ваквиот мафијашки синџир неизоставен дел е и партиската обвинителка на Зоран Заев, Вилма Рускоска, која исто како и МВР на Спасовски вчера се фалеше дека е разбиена нарко – група, за да денеска ретерира и ја соопшти вистината. Луѓето од власта се способни само за криминал, велат од ВМРО-ДПМНЕ. 

Од Грчев лишени од слобода се 13 лица, девет од нив завршија во притвор, тројца во куќен притвор, за едно лице се определени мерки на претпазливост. Во акцијата приведен е и еден малолетник, за кој ќе се процесира посебно. Од Гази Баба во притвор завршија осум лица, а по едно се трага.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста