Привршува бербата на тутунот – тутунарите бараат повисоки откупни цени

  Расте незадоволството кај македонските земјоделци. По овоштарите и лозарите, дали тутунопроизводителите ќе бидат следните кои ќе се соочат со неизвесноста – по кои цени годинава ќе им биде откупена нивната тутунарска мака ?! Од нивите веќе се собрани над 70 проценти од годинашниот род, чиј квалитет е приближно ист на ланскиот, но количините ќе бидат драстично помали. Исправени пред новата откупна реколта, а поучени од минатогодишните лоши искуства, тутунопроизводителите и годинава остануваат на неколкугодишните свои барања за корекција на откупните цени.

    „Ние ќе продолжиме со барањето за зголемени цени и барем, со анекси да се додадат на договорите за да немаме проблеми при откупот. Ние баравме првата класа да остане 280 ден. за килограм, втората да биде 220, третата 170, а четвртата да биде 90 денари за килограм откупен тутун. До Министерството за земјоделство, до Стопанската комора и до откупните претпријатија поднесовме предлог-правилник“, посочува Методија Стомнароски, претседател на Сојузот на тутунски здруженија на Македонија.

 Годинашната реколта се очекува да тежи околу 23.000 тони тутун, што е за околу 3.500 тони помалку од лани. Годинава намален беше и бројот на склучените договори.

Колку за потсетување, минатогодишниот откуп заврши со проблеми. Откупните пунктови беа затворани пред време, а на тутунарите родот им беше откупуван по цени кои не соодветствуваа на класите. Тогаш, тие обвинија дека во земјава се увезувал тутун што одело на штета на домашното производство и на нивната мака, заради што тие бараа и измена на Законот за тутун, кој се уште е актуелен. 

  Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста